Прашањето за предвремените парламентарни избори кое Мицкоски го најавуваше во декември, па го презакажа за јануари, па за средината на февруари е затворено – изборите ќе бидат во редовниот термин, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Мицкоски, посочи, тврдеше дека има парламентарно мнозинство од 61 пратеник, на крај се покажа дека оваа Влада има зголемено парламентарно мнозинство со нејзината реконструкција од 65 пратеници со што е затворено прашањето на предвремени парламентарни избори.
-Изборите како што кажав уште од првиот ден ќе бидат во нивниот редовен термин, бидејќи јас не ги менувам ставовите за разлика од некого. Прво ќе има претседателски избори на кои ќе победи кандидатот предложен од коалицијата предводена од СДСМ, а потоа и парламентарни избори на кои повторно оваа коалиција ќе формира проевропска влада во Македонија – рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.
На опозицијата и порача да се посвети повеќе на работа во општините, наместо, како што рече, само да повторуваат – предвремени избори.
Во однос за барањето за премиер Албанец на 100 дена пред изборите рече дека не е ништо ново и дека тоа беше објавено во 2020 година на прес-конференција после изборите на која присуствуваа тогашниот мандатар Зоран Заев и лидерот на ДУИ Али Ахмети на која се формираше коалициската влада.
-Така ќе биде и на изборите во 2024 година кога СДСМ повторно ќе победи на изборите заедно со својата коалиција и кога повторно ќе се формира проевропска влада во Македонија на чело со мандатар предложен од СДСМ. За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ коалициските договори ги почитува. Премиерот кој ќе обавува техничка улога ќе се случи кон крајот на следната година, односно во последните 100 дена од мандатот на оваа Влада и уверени сме дека на изборите кои ќе се одржат идната година ние ќе ја добиеме поддршката од граѓаните и повторно премиерот ќе биде од редовите на СДСМ – потенцира Ковачевски.
Техничкиот премиер, како што истакна, има мандат само да ги спроведе изборите во текот на предизборниот период.
-Воопшто немам проблем да има технички премиер Албанец или припадник на било која друга етничка заедница што живее во државата, бидејќи сметам дека етничка припадност не е професија. Секој кој што е професионален може да ја води Владата, особено во услови на технички мандат на владата кога единствено треба да се спроведат избори. Не се согласувам лично со концептот на Пржинска влада кој е договорен во услови кога бевме заробена држава и сметам дека земја членка на НАТО која преговара со ЕУ и претседава со ОБСЕ не треба да има таков тип на влада пред изборите – рече Ковачевски.
Не би ги коментирал, додаде, интерните кампањи кои ги прави ДУИ, бидејќи тие се наоѓаат во процес на своја внатрешна политичка кампања во која излегуваат и креативни слогани за кои сметам дека се дел од политичката кампања која не се однесува на процесите на функционирањето на Владата во целина.