Фото: Емил Јовановиќ

Централниот регистар попладнево соопшти дека е донесено решение со кое барањето за усогласување од страна на здружението „Цар Борис Трети“ од Охрид е одбиено бидејќи во законски предвидениот рок не се доставени бараните документи.

– Централниот регистар во текот на денешниот ден донесе Решение со кое барањето за усогласување од страна на Здружението Цар Борис Трети од Охрид го одби, од причина што од страна на здружениетодо Централниот регистар во законски предвидениот рок од 30 дена не се доставени бараните документи дадени во известувањето во согласност со Законот за здруженија и фондации – се наведува во соопштението на Централниот регистар.

Оттаму додаваат дека за донесената одлука ќе го известат Министерството за правда.

За културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола, кој немаше поднесено барање за преименување согласно измените на Законот за здруженија и фондации, денеска Комисијата за употреба на имиња на личности даде негативно мислење за употреба на името Иван Михајлов.

-Комисијата за употреба на имиња на личности смета дека именувањето на здружението Иван Михајлов е провокација за националните чувства на македонскиот народ имајќи предвид дека се работи за личност блиска со фашистичка идеологија кој со своето дејствување ја негирал посебноста на македонскиот народ, а истовремено предизвикува нетрпеливост, нетолеранција и омраза во македонското општество – се наведува во соопштението.

Заклучокот од седницата треба да биде проследен до министерот за правда, кој ќе треба да донесе одлука врз основа на добиеното негативно мислење од Комисијата.

Согласно Законот за здруженија и фондации, што беше донесен по скратена постапка во ноември 2022, бугарските клубови се обврзани да побараат пререгистрација или во спротивно им се заканува укинување. Рокот за поднесување на барањето истече на 16 февруари.

Согласно измените на Законот за здруженија и фондации се забранува граѓански здруженија, фондации и политички партии да користат имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, Третиот рајх и сл. Законот е со ретроактивно дејство и се однесува на веќе регистрираните здруженија и фондации и предвидува оние што нема да постапат според наведените измени, да се бришат од регистарот откако одлука ќе донесе министерот за правда.