Се водат жестоки борби за контрола на центарот на Бахмут, што го потврдија двете страни, додека се зголемува бројот на жртви во најдолгата и најкрвава битка во војната во Украина, пренесува британски „Гардијан“ за градот што веќе го опиша како како „мелница за месо“.
Русија ги засили напорите за заземање на Бахмут на почетокот на февруари по повеќемесечните интензивни борби околу градот, а оттогаш полека навлезе во градските преградија. Украинските сили ги одбиваат нападите од север, исток и од југ. Нивниот единствен излез кон запад е под тежок оган од руската артилерија.
Командантот на украинските копнени сили Олександр Сирскиј и основачот на платеничката група „Вагнер“, Евгениј Пригожин, се согласуваат дека борбите се жестоки. Сирскиј додаде дека борците на „Вагнер“ што ја предводат непријателската офанзива, напредуваат во неколку правци и се обидуваат да се пробијат кон центарот на градот. Но тој нагласи и дека напорите на платеничките сили се одбиени со артилерија. Пригожин, пак, ги опиша борбите.
– Ситуацијата во Бахмут е многу тешка, непријателот се бори за секој метар, колку поблиску сме до центарот, толку пожестоки се борбите – истакна Пригожин во гласовна порака објавена вчера на Телеграм.
Украина инсистира дека продолжувањето на борбата за Бахмут се должи на испланирана стратегија, при што тамошното воено водство истакнува дека цели да обезбеди дополнително време за подготвување на пролетна офанзива, како и да нанесе удар врз бројноста и залихите на непријателот.
Западните разузнавачки агенции проценуваат дека Русија претрпела 20 до 30 илјади жртви во Бахмут. Украинскиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, пак, тврдеше дека Украина во февруари загубила 11 илјади војници во Бахмут.
Аналитичарите имаат поделени мислења за стратешката важност на Бахмут, но градот доби големо политичко значење, со што двете страни вложуваат значителни ресурси во битката. Киев предупреди дека падот на Бахмут ќе им овозможи на Русите отворен пат за навлегување во регионот Донецк, што Кремљ тврдеше дека го анектирал минатата година.