По насловот веќе ви е јасно дека ми пукнал „филмот“. Да не вртиме како маче околу врела каша, да ги кажеме нештата со вистинското име. Ќе речете, ама Таче му е (дури и погрешен) прекар. Не, не, прекарите и постојат за луѓе без персона, интегритет, култура и знаење; тие ја откриваат вистинската личност што се крие зад некое име и презиме (кои би ги изговориле ако не со почит, тогаш барем затоа што така е редот). Овој анонимус, кому и прекарот му е погрешен, успеа во нешто што мислевме дека е незамисливо и ненадминливо: интелектуалната, морална и политичка инсуфициенција (добро де, недостаток) на оној што го викавме ЗЗ. Оној имаше каков-таков легитимитет. Бранко го донесе како стечаен управник да ја спаси и крепи партијата, која беше во финансиски (и инаков) банкрот. Се излажа во математиката: мислеше дека кога ќе затреба, ќе може да го контролира, ако не и смени. Но, се покажа дека пазарот дома и надвор не е ист. Оние однадвор видоа идеален „компрадор“ (вазал, послушник) и му доверија зада(ч)ка достојна за нобеловец: да ги смени името и Уставот. Но, брилијантен и полиглот каков што го запаметивме, оној црпнатиот од бога и од Брисел и Вашингтон исто така се „преигра“, па мораше да си замине. Сега и тој би сакал да се врати, барем до вилата на Водно, ама Таче го надигра.
Искрено, си се чудам на умот што пишувам на оваа тема и за овој мизерен човек, кој се претставува како државник. Но, така е деновиве (а богами и месеци и години минаа): човек што следи и се информира може лесно да се шашардиса во изборот на темата важна за дискусија. Би можела да напишам томови за нечистотијата што владее околу нас, онаа во буквална смисла, ама и преносна. Кога пешачам оддома до факултетот, неодминливо е да внимавам на кучешкиот измет што оние „фини“ снобови кои со дигнат нос ги шетаат милениците наутро арогантно го оставаат зад себе. Работникот на „Комуналец“ секој ден шета среде мојата улица, си ги влечка кантата и метлата небаре џогира – не погледнува во сметот што се насобрал. Но, кому му е грижа за тоа? Сите гледаме, сликаме, зборуваме – ама нечистотијата почнува да ни станува нормална. Ни навлегла во порите.
Потоа цел ден треба да внимаваш на јавниот нужник наречен политичка сцена од која се шири неподнослива реа. Заради менталната хигиена и здравје се трудам да не гледам домашни телевизии, а особено вести и дебати. Но, се случува не сакајќи да наидам на прес-конференција на вистинскиот премиер на оваа држава (оној што вели дека создаваме хистерија кога бараме отчетност и кој отворено им се заканува на „забеганите“); оној нагон длабоко од стомакот спонтано навира. Па, гледате група мажи (ова го нагласувам во духот на осмомартовската идила и ен-џи-о перформанси, кои објаснуваат дека можеби мажите се жени, а жените се мажи, ама сложено е… баталете): дриблаат, си додаваат, се гушкаат, фраери се, дрим тим (имаме такви по кафеаните и меѓу професорите). Се фаќаш за глава! За што се фраери? За тоа што нè „онакваат“ при здрав ум? Што им го финансираме фитнесот во најскапи и најмодерни канцеларии со нашата сиромаштија? Што им доаѓаат амбасадори на рекреација? Што сме публика за сељаци (нека ми простат селаните, не мислам на нив, тие се чесни и вредни луѓе)? Не, драги мои! Не се тие толку фраери колку што сме ние овци! Морони што трпат ваква багра. Оној од насловот ми го прелеа лончето – инаку ќе пишував за нешто подраматично, како што се пропаста на Западот, растот на Кина како светски лидер и надвиснатата опасност од трета светска војна. Оваа поголемата сцена е многу слична на нашата, особено во нејзиниот западен дел: ни со борина не можеш да најдеш еден интелигентен, разумен, умен и учен лидер! За разлика од нив, обидете се да ги слушнете првите луѓе на т.н. источни држави или уште подобро на глобалниот југ. Таму ги „шамараат“ германски амбасадори (претседателот на Намибија), државен секретар на САД (Јужна Африка), па дури и Макрон (претседателот на Конго), и тоа пред камери; нашиве им се поклонуваат дури и кога ја користат Македонија како паричка за поткусурување во балканските бедни трансакции. Таче не е маче кога храбро ни плеска в лице колку сме бедни: нашиот глас не вредел ништо, бидејќи ако некој нè прашал нас, никогаш немало да го имаме сето ова што нè опкружува (т.е. она што јас го нарекувам трансакциска божем демократија или бермудски триаголник на договори што ни виснале како воденички камења). Човек што нема никаков изборен легитимитет, никаква доверба кај граѓаните, дојден од функционерскиот скут на татко му, кој е непристоен и користи говор на омраза среде парламент (институција во која би требало да одговара, а не да ја брани својата домашна убавица бизнисменка) – тој има дрскост да ни каже дека нашето мислење не само што не вреди туку било погубно за државата. Државата – тоа сум јас, вели еден Таче кој преде како маче пред западните амбасадори.
А ние? Па, ние и онака немаме држава! Чуму ни е кога дозволуваме од Уставот пачавра да прават, да носат одлуки амбасадор(к)и што во ракавот секогаш држат некој „адут“ кога треба да издејствуваат одлука во полза на своите стратегиски и национални интереси. Иако не сакам, сепак морам да ја спомнам Шарената (недовршена или абортирана) божем револуција: по налог и со помош однадвор „режимот“ го сменија, ама само едната негова нога; другата им треба. За играње на мали голчиња и за дриблање. Ама тоа не е политички/етнички коректно да се каже. Си молчат сите. Некои велат биле уморни и разочарани од распродадените идеали (да, имаше и чесни и искрени, ама неверојатно наивни кога не видоа од каде изгрева сонцето; од запад, нели?). Ама имаат одговорност!
Е сега, кога ќе ми се пушти „Рацин“, па и Вистиномер. Лом ќе ме направи! Ќе речат: ѝ прилега ли на професорка по политички науки вака да пишува? Зошто не објаснува научни аргументи, теории и методологии? Затоа што овде само наивен не би видел дека таквиот говор не само што е залуден туку е и смешен во ситуација кога Таче ти е божем премиер, а Груби вистински. Понекогаш е напорно да бидеш Дон Кихот. Mittere margaritas ante porcos. Ни се потсмеваат, нè нарекуваат „синдром“ или „популисти/путинисти/националисти“ и сл. Видете ги само сизифовските напори на мојата колешка Гордана Силјановска-Давкова! Таа држи не говори, ами јавни предавања по сите можни прашања што се на дневен ред на парламентот воден од „државникот“. Ѝ се чудам од каде ѝ се енергијата и упорноста, но и вербата дека тоа ќе допре до некого (па после ќе се сетам дека и јас пишувам колумни во ветер). Самата гледа дека додека зборува ја дочекуваат со потсмев и дофрлања пратени(ч)ки што не прочитале ни една книга. Уредник со европска награда (од жири во кое членував и јас) ме спореди со некоја негова српска колешка од Спутњик.
И ми даде регионално значење/влијание, велејќи дека „синдромот Ванковска“ се простирал пошироко. Поводот беше синот на таа жена (за која првпат слушам), па овој најде за згодно да ми ги спомнува ќерките. Говор на омраза, атака на приватноста? Да го тужам? Ма, немојте ви се молам, па тоа се тие промотори на европски вредности. Тие дури и Рацин го направија про-НАТО! Во тимот имаат и една професорка од Машинскиот факултет што толкува политички феномени, а интересно е што јас (професорка по политички науки) сум ѝ честа инспирација. Ним им требаат вештер(к)и за да си ги оправдаат западните грантови за „борба против туѓи и малициозни влијанија“. Во македонскиот речник зборот синдром има две значења: 1. (мед.) Комплекс од симптоми карактеристични за некоја болест. 2. (прен.) Заеднички карактеристики за некоја појава. Така да си знаете! Јас сум синдром – за болеста наречена политичка некоректност, критичко мислење, гледање на светот во неговиот тоталитет, и неверување дека сонцето изгрева на запад. Сите ние, како гласачко тело и како граѓани, сме синдром за болеста наречена демократија. Во нивните очи, очи соколови и државнички, ние сме болест, ние сме опасност, ние сме глупави и прости, тие се визионери и вождови (како оној на Домановиќ). Овде, а и во западниот свет, владее какистократија. Сакате дефиниција? Во 2015 година Мирослав Грчев ја даде во наслов на своја колумна: „Какистократија или, по наше, гомнархија“. Имам ли јас право да му противречам, особено што човекот бил толку далековид, па ја предвидел и оваа (да не кажам што)? Ако не му верувате на Грчев, еве друга дефиниција: „власт… во полза на подлеците на сметка на будалите (Џејмс Расел Ловел, американски поет и дипломат).
Е сега, ќе побарате решение. Секој предлог што би го дала, Таче ќе го прогласи за опасност по евроинтегративните процеси, односно закана по неговиот трон. Решението за промени, за радикални и длабоки, егзистенцијални, отсекогаш било во народот: vox populi, vox dei! Или во „природната аристократија“ за која зборувал Томас Џеферсон: јакнење на силите одоздола, од народот, и создавање власт од оние со доблест и талент. Само што овде изгледа живее аморфна маса. Што се однесува до Таче, ако е за утеха, има и бетер. Следите ли што се случува таму каде што изгрева сонцето? Ех, па вие, веднаш на Кина помисливте. Јас се повикувам на д-р Груби. Таму каде што сонцето изгрева (за Самоиловите потомци) во тек е колапс на империјата, кој уште пред 40-50 години го предвидоа Јохан Галтунг и Хакан Виберг, а денес сè уште го повторуваат Јан Оберг и уште неколкумина храбри луѓе, меѓу кои и Сејмор Херш. Темен облак се надвиснал, бидејќи ниту една империја не се распаднала без колатерални жртви. Да се надеваме дека распадот нема да биде како облак во вид на печурка. Затоа, Таче е само „синдром“, маче, не е ни причина ни феномен. Тој е последица. Што е сеено, тоа се жнее.