Министерот за правда, Игор Филков денеска се обрати на стручната расправа посветена на измените и дополнувањата на Законот за судовите, при што истакна дека реформите во правосудството мора да бидат суштински, добро анализирани и креирани преку широк и инклузивен дијалог.
Во своето обраќање, министерот нагласи дека измените на Законот за судовите се дел од поширок реформски процес чија цел е создавање побрз, поефикасен и подостапен судски систем, што ќе обезбеди поголема правна сигурност и враќање на довербата на граѓаните во институциите.
– Реформите во правосудството не смеат да бидат само формални и декларативни. Тие мора да донесат реални подобрувања во функционирањето на судскиот систем и поквалитетна правда за граѓаните – истакна министерот Филков.
Посебен акцент беше ставен на оптимизацијата на судската мрежа, која се предлага со законските измени. Постојната организација на судовите е создадена во поинакви општествени и демографски услови постојат сериозни нерамнотежи во распределбата на предметите и капацитетите на судовите.
Предложените решенија предвидуваат дел од судовите да се трансформираат во судски одделенија, со цел поефикасно искористување на човечките и материјалните ресурси, подобра распределба на предметите и поефикасно управување со судските постапки.
Министерот потенцираше дека овие промени нема да значат намалување на пристапот до правда за граѓаните, туку напротив – обезбедување побрза, поефикасна и поквалитетна судска заштита. Судските одделенија ќе продолжат да функционираат локално, а организациското поврзување со поголемите судови ќе овозможи подобра координација и воедначување на судската пракса.
Во рамки на реформите се предлагаат и мерки за подобрување на работата на апелационите судови, со цел поефикасно постапување по жалби и намалување на заостанатите предмети.
Министерот Филков истакна дека сите предложени решенија се темелат на сериозни анализи, податоци и проценки на реалните потреби на судовите и граѓаните.
Тој упати порака дека успешноста на реформите ќе зависи не само од законските измени, туку и од нивната доследна и одговорна примена во пракса.

































