Запознав жена, како во сцена од американски филм, среде бар пред затворање, јас и она крај шанк, барменот со дремлива мудрост на очните капаци ги брише чашите, а Чарлс Буковски и Том Вејтс на другиот крај од шанкот разговараат за Џим Џармуш уз кафе и цигара. Среде тој блуз-минимализам, јас и жената, барем мене така ми се чини, изгледаме како да сме сами на крајот од вселената и добро ми звучи идејата, оттука да започне нашата приказна.
Ми вели, била во диско на прослава. Го славела Денот на жената, оти на тој ден, објаснува, Роза Луксембург ја започнала својата борба за нејзиното право да се чувствува како Клара Цеткин, која, пак, доколку стане свесна дека, не по своја волја е затворена во погрешно тело, го има секое право да се премести во телото на… на кого сака, по ѓаволите… во телото на Жан Пол Сартр, на пример. Ме збуни. Роза Луксембург се чувствува како Клара Цеткин во телото на Жан Пол Сартр? Тоа го прашав. А-ха, ми одговори, како што Жан Пол може да биде Симон де Бовоар или Маргарет Јурсенар. Не сакав да навлегувам во детали за да не ја расипам страста во најава, оти нормално, како маж, животински ја посакував.
Потоа запознав прекрасен човек, продолжи таа, таму во диското, познат наркобос, братучед на Хуго Бос и… и јас веќе почнав да губам надеж, додека во нејзините очи светкаа првите солзи… и среде најубавото, дообјасни девојката, упадна таа проклета Црква и ни го растури хепиендот пред одјавната шпица на ноќта. Таа проклета христијанска Црква, продолжи убавицата, постојано ми се меша и ми ја упропастува проектираната блескава иднина, како минатата недела кога бев во фаза на џендер неутрал, менував форма од сингулар во плурал, па ја сретнав таа жена убава како Анџелина Џоли при што јас веднаш се трансформирав во Бред Пит од времето кога двајцата беа во метахароминија како господин и госпоѓа Вил Смит и тамам ја допрев за рака шепотејќи дека сакам да бидеме едно и различно, истовремено, како синус и косинус, ме погледна со догматски презир и вресна, глупачо, ме нервираат твоите изопачени дуализми, јас верувам во тројство и мене веднаш ми стана јасно дека повторно Црквата ми стои на патот на љубовта.
Љубовта, да… а јас глуп и веќе заљубен, сакајќи да ја утешам, како што вообичаено бидува, оти кога маж го пука страст, ослепува и оглупува и, може не мислела на христијанство, реков, можеби споменала тројство затоа што припаѓа на „комаја“ заедницата или едноставно тројки ја возбудуваат. Така реков и нормално оплескав. Погледот во нејзините убави насолзени очи сосема се помрачи. Тројки (???), крикна и го разбуди барменот со тие нејзини три прашалници, а потоа експлодира во хистерија викајќи ми, тројки имаат небањати вмроовци низ историските асексуални контексти и сокаци, во тројки се возат руски насилници создадени од мрачните умови на Достоевски, Гогољ и слични на нив изроди, кои подментуваат руска пропаганда во светската книжевност и кога веќе ја споменувам таа проклета Русија што се меша во стварност и интимност, мора да знаеш дека понекогаш влегува во коалиција со Црквата само за мене да ми ја уништи замислената идила, како што ми се случи пред некој месец… јас излезена сама, во емотивен, идентитетски, телесен и родов дрескод на доктор Живаго, го запознавам тој млад и прогресивен дечко, кој токму таа вечер избрал да биде Пастернак и Омар Шариф истовремено и тамам да влетаме во геј-авантура, кога ете ти ги под рака фатени Русија и Црквата, првиве ми бараат авторски права за ликот на Живаго, а вториве запнале да ме трујат дека јас и тој дечко не може да сме во геј-врска, демек јас жена, а… за миг престанувам да ја слушам и со поглед го ловам барменот. Тој нечујно ми шепоти, бегај во друг филм, нема тука за тебе романтична мелодрама, бегај, будало!
И побегнав. Во друг филм. Жанр сменив со леснотија, име на држава како што се менува. Околу мене мистична атмосфера. Мириса на шпионски трилер и зима со снежна свежина. Ден, 6 јануари. Според македонскиот календар тоа е 27 април. Стојам пред огледало. На главата имам рогови. Не како оние на Сатанаил, повеќе личам на Хогар Страшниот од „Али експрес“, а за шминката се погрижил Стиви Вондер лично. Се чувствувам како бивш маринец, само уште не сум сигурен каква опасна невозможна мисија ме очекува. Одговорот брзо доаѓа. Зад мене се појавуваат двајца униформирани полицајци. И двајцата се Џерард Батлер, едниот оригинал, другиот дублер каскадер. Капитол може да падне, ми вели оригиналот, а мене во глава ми одекнува „Прозор не сме пасти“, како ехо од некои минати филмови што сум ги живеел, Капитол може да падне, ме враќа Џерард во сцената, по Олимп, Лондон и Морган Фриман, злото сака да го фрли на колена и Капитол, а ти си тука да го спасиш, само треба да се сетиш на обуката што ја помина на 27 април во Македонија, денешен Нордистан, оти таа обука беше тренинг-симулација за она што планираме тука да го спроведеме за да ја поразиме онаа руска џукела Трамп, затоа сети се, сеедно што ние моравме на извесно време да ти ја избришеме меморијата, веднаш излези од Борновиот идентитет, влези во фаза на „total recall“ и ајде со нас на една мала туристичка тура низ зградава, оти кога утре ќе се разбудиш, ќе видиш на сите телевизии дека ти си терористот што по наредба на она ѓубре Трамп и белите „black men“ расисти од организацијата „БЕД МАГА ФАКА“ сака да го сруши нашиот Вавилон.
Во напад на паника дека шпионскиот трилер полека ми се претвора во сајберпанк-гротеска со подметната политичка порносодржина, среде која треба да го следам белиот зајак во дупката на временскиот апсурд каде што 27 април станува 6 јануари, а Нордистан е всушност матрикс, како оној на браќата сестри Вачовски, ама овој пат надграден, море ептен рилоудед во матрикс-полигон, односно фиктивна протекторат-територија за вршење лабораториски експерименти врз глувчиња од родот нордистансчиња, со цел истото тоа потоа да се спроведе низ соединетата американска стварност, па сфаќајќи го сето тоа, бегам од тој блокбастер на големиот брат и мастер без Маргарита, со надеж дека конечно ќе влетам во обична романтична комедија со крајно едноставен хепиенд. Ама креаторот продуцент не мисли така. И еве ме среде воена драма на Источниот фронт на крајот од колумната, оти на Запад ништо ново не се случува. Јас сум агент на тајната служба Би-би-си, шверцувам микрофилмови на кои се гледа дека заостанатите Руси војуваат со лопати, па затоа и гинат како Украинци. Попат треба да минирам две стратешки за воениот исход, територии, во политичката теорија и географија познати како Минск 1 и 2, а пред да се вратам дома, ќе подметнам северен крек во пијачката на публиката, затоа што колумнава мора да заврши, ама Холивуд не смее да падне.