Во просториите на општина Штип, денеска во 10.30 часот беше промовирана најновата книга на новинарот и публицист Мишо Китаноски со наслов „Евреите во Штип, од доселувањето до холокаустот“. Издавач на книгата е Еврејската заедница и е посветена на 80-годишнината од Холокаустот на 7.144 македонски Евреи, кои животот го завршиле во 1943 година во фашистичкиот логор Треблинка, изграден во окупирана Полска.
Покровители на одбележувањето на 80-годишнината од Холокаустот на Евреите во Македонија и промоцијата на книгата се Министерството за култура, Еврејската заедница, Фондот на Холокаустот и домаќинот општинина Штип. Исто така манифестации за одбележувањето на овој ден се одржаа и во Битола и во Скопје.
Книгата „Евреите во Штип, од доселувањето до холокаустот“, авторот Мишо Китаноски во првиот пишува за прогонот на шпанскиот крал Фердинанд, кој владеел од 1479 до 1516 година, кој протерал над 300 илјади Евреи, кои не сакале да преминат во католичката вера. Мал број од нив преку Солун се населиле во Скопје, Битола и во Штип, како и по некое еврејско семејство во неколку помали градови во Македонија. Вториот дел од книгата е посветен на животот на Евреите во Штип меѓу двете светски војни кога особено се развива трговијата и занаетчиството, во кое носители се штипски Евреи, се до окупацијата на Македонија од бугарската фашистичка власт војска и полиција. Но, за волја на вистината и во Кралството Југославија пред почетокот на Втората светска војна се донеле антиеврејски и антисемитски закони, кои по примерот на германските закони воделе директно за прогон и ликвидирањето на Евреите од овие простори. Третиот дел од книгата „Евреите во Штип, од доселувањето до холокаустот“ на авторот Мишо Китаноски е најопширен и донесува повеќе прилози во кои се користени бугарски фашистички документи, во кои директно се зборува за начинот и постапката како и ликвидирањето на 7.144 Евреи во Македонија, од кои 551 се од Штип.
Овој погром почнува на 11 март 1943 год. со нивното собирање во привремениот логор во Монополот во Скопје, а од таму со три воза собраните Евреи се транспортирани во логорот на смртта Треблинка. А, се започнало со донесувањето на Законот за заштита на нацијата, односно на бугарската држава, од Евреи, чиј указ за негова практична примена го потпишал царот Борис ТретиI, а бил усвоен од Народното собрание на Бугарија и од Владата на чело со Богдан Филов. Директни реализатори на погромот на Евреите во Македонија и во Штип се министерот за внатрешни работи и народно здравје Петар Габровски и првиот човек на специјално формираното Комесарство за Еврејски прашања Александар Белев. Всушност овие двајца во Бугарија пред Втората светска војна ја формирале фашистичката организација Ратник која се обидела, но без никаков успех да формира клонови и во окупирана Македонија во 1941 година.
На крајот од книгата „Евреите во Штип, од доселувањето до холокаустот“ од Мишо Китаноски се поместени и два текста во кои, во првиот се зборува за 8-те спасени Евреи од Штип од колоната на смртта и вториот текст во кој во кратки црти се даваат податоци кои и како од бугарските окупаторски носители на холокаустот завршиле пред Народниот суд на Отечественофронтовска Бугарија и во затвор.
Ст. К.
Фото: Стојан Кукунешоски