ИНТЕРЕСНА АНАЛИЗА НА ЗАПАДНИТЕ „ВОЕНИ ЈАСТРЕБИ“ ШТО СЕ ЗАЛАГААТ ЗА ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА КОНВЕНЦИОНАЛНИОТ ВОЕН СУДИР ВО УКРАИНА, МЕЃУ ЗАПАДОТ И РУСИЈА
Во првата година од руската војна против Украина, воените аналитичари се повеќе од согласни во својата констатација дека всушност „западната воена помош беше клучна за опстанокот и отпорот на Украина“. Но повеќемина од нив го издвојуваат фактот што „пристапот на западните влади беше реактивен наместо проактивен“!
Пресек на воените дејства февруари-мај 2022 година
Никој веќе не се сомнева дека Украина немаше да може да издржи долготрајна војна со Русија без западните дотури на оружје, муниција, софистицирани софтвери за анализа, како и на разузнавачки информации. Во 2022 година, западните сојузници неколкупати го прошируваа списокот со опрема што ѝ ја доставуваа на Украина. Од месец на месец, дијапазонот на воена опрема и оружје растеше: од ракетни системи до противтенковско оружје и на крајот до тенкови… Од напредни модерни системи за воздушна одбрана до ракети и дронови. Но факт е дека овие оружја и орудија секогаш беа испраќани – реактивно, за да се решат критичните ситуации со кои се соочуваше Украина, а не однапред – проактивно, како резултат на разузнавачки процени на западните сојузници.
Имено, во првите недели од војната, артилериските сили на Украина предизвикаа изненадувачки значителна штета на руските тешки оклопни возила. Но, според воените аналитичари, руските загуби ќе беа многу поголеми доколку западните сојузници ѝ обезбедеа артилерија и повеќекратни ракетни системи за лансирање на Украина во оваа фаза. Но тоа не ги спречи руските сили (иако ги изненади) да направат продор во длабочината на украинската територија. Украинците се повлекоа, минаа во дефанзива, проследено со пад на моралот. Но по еден месец од почетокот на воениот судир (во април 2022), регистрирано е зајакнување на украинските сили, а во некои реони и помали војнички успеси. Тоа се должеше на фактот дека на боиштето беше активирано тешко вооружување од типот хаубици М777 што САД го испратиле во Украина.
Во исто време, во април и мај 2011 година, руските воени сили се групираа и сконцентрираа во најголем дел со своите сили во источна Украина, заради одбрана на заземените региони Луганск и Донецк. Во тој период иницијативата беше на руската страна, па украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговите советници апелираа за опрема од Запад: артилерија, тенкови, системи за противвоздушна одбрана, па и борбени авиони… Забележано беше од воените аналитичари дека на крајот на мај 2022 година ситуацијата во источна Украина стана повеќе од критична за украинските вооружени сили. Веднаш потоа, во следниот месец, јуни, САД и Британија донесоа одлука да ѝ ги испорачаат повеќекратните ракетни системи ХИМАРС и M270 на Украина.
Улогата на донираните ракетни системи ХИМАРС, НАСАМС и ИРИС-Т
ХИМАРС и неговиот аналог М270 беа оружје што ја менуваше играта за Украина, помагајќи им на вооружените сили да ја поткопаат руската тактика и да го забават снабдувањето со муниција. Во април 2022 година стана јасно дека Русија не може да заземе ниту една значајна област без целосна артилериска доминација. Системот ХИМАРС значително ја ослабна способноста на руската армија да изведува масовни артилериски напади – што беше една од нејзините примарни тактики. До август 2022 година, по испораката на ХИМАРС, дневните трошоци на Русија за муниција во источна Украина се намалија од речиси 12.000-15.000 парчиња различен калибар на околу 5.000-6.000. Украинските вооружени сили почнаа да ги користат и системите ХИМАРС и М270 за уништување руски складишта и командни пунктови за муниција, што значително го забави руското напредување.
Западните воени аналитичари од оваа временска дистанца заклучуваат дека „доколку сојузниците ги испорачаа овие системи неколку месеци порано, украинските вооружени сили ќе можеа да спроведат поуспешна контраофанзива и можеби немаше да го изгубат целиот регион Луганск – или, барем, не толку важни градови како Северодонецк и Лисичанск“.
Неколку месеци подоцна, западните сојузници се согласија да снабдуваат модерни системи за противвоздушна одбрана: во октомври 2022 година САД го испорачаа системот НАСАМС, а Германија го испорача ИРИС-Т, подоцна најавувајќи дека ќе го испрати и својот систем „патриот“. Во јануари 2023 година, Канада соопшти дека ќе испрати дополнителен систем НАСАМС во Украина.
На што се темели заклучокот на воените аналитичари за инертноста на
западните сојузници и препораката за проактивност
Од октомври 2022 година до јануари 2023 година, Русија лансира стотици балистички и крстосувачки ракети, како и дронови. Овие напади предизвикаа прекини на струјата. До моментот кога САД и Германија ги испорачаа првите модерни системи за воздушна одбрана во октомври 2022 година, околу 30 отсто од енергетската инфраструктура во Украина беше погодена од руски ракети.
Овие примери покажуваат дека западните сојузници избрале реактивен пристап кон воената поддршка на Украина наместо проактивен, со тешки последици. Западните сојузници полека го прошируваат опсегот на воена помош за Украина во обид да избегнат ескалација со Кремљ, кој смета дека секоја дополнителна поддршка за оружје за Украина е продлабочување на учеството на НАТО во конфликтот.
Западните воени аналитичари сметаа дека „ако Западот сака Украина да победи во војната со Русија – или барем да ги врати руските сили на фронтот на 24 февруари – треба да го преиспита својот пристап кон воената поддршка“.
Според нив, ако се продолжи по военото сценарио на конвенционален воен судир, тогаш „западните сојузници треба да ѝ дадат на Украина повеќе воена опрема, што ја менува играта пред ситуацијата повторно да стане критична за украинските вооружени сили“.
Неодамнешната најава за испорака на стотици модерни тенкови на Украина со цел да се подготви за контраофанзива е чекор во таа насока. Сега кога Русија ги премести своите складишта за муниција и командните точки на оддалеченост од 100-120 километри од линијата на фронтот, воените стратези анализираат дека на Украина ѝ е потребна опрема за да го достигне ова растојание. Јасен следен сигнал на поддршка од страна на западните сојузници би било „обезбедување западни борбени авиони и ракети што можат да достигнат 150 километри и понатаму, како што се АТАЦМС – што би можеле да ги испратат САД, Полска и Романија – и ГЛСДБ, што САД планираат да го набават“.
Втора работа што ја истакнуваат аналитичарите е дека западните сојузници треба да ја сменат својата политика за снабдување со оружје за да се фокусираат на она што ѝ треба на Украина наместо да анализираат „како Русија може да реагира“.
И трета работа како битна од анализите на воените аналитичари е дека „западните сојузници треба да ги приспособат своите очекувања од кампањата на Украина за 2023 година“. Многу е малку веројатно дека војната ќе заврши оваа година. Затоа, тие подвлекуваат дека американската и европската влада треба да се фокусираат на помагање на Украина да спроведе барем една значајна и успешна офанзива оваа година, на пример во јужниот правец, со цел да се отсече окупираниот Донбас од Крим преку рускиот копнен мост. И таа треба да ја вооружи Украина однапред – не како одговор на – оваа следна фаза од војната.
ЕУ планира помош за водење војна преку фондот „Европски инструмент за мир“!?
Официјалните претставници на Европската Унија разговараат за плановите за доделување дополнителни една милијарда евра, како и за воспоставување „заедничка шема“ за набавка и побрза испорака на артилериски гранати (за хаубици), за кои украинските воени команданти тврдат дека се клучни за спротивставување на руските сили. Бидејќи Украина се соочува со недостиг од муниција, идејата за воспоставување „акциски план“ сличен на оној како за вакцини за време на пандемијата на коронавирусот за првпат беше изнесена од страна на естонската премиерка Каја Калас. Според официјален претставник на ЕУ што имал увид во „акцискиот план“, приоритет во планот е сега и веднаш „да се гарантира брза испорака на артилериски гранати од 155 мм до украинските вооружени сили“. Службеникот не беше овластен да зборува јавно бидејќи планот сѐ уште се финализира.
Интересна констатација е дека ЕУ „ѝ помага на Украина преку нејзиниот Европски инструмент за мир“ – фонд што се користи за надомест на земјите-членки што обезбедуваат оружје, муниција и воена поддршка за Украина. Според последниот предлог, на земјите-членки што веднаш испорачуваат муниција ќе им се гарантираат брза исплата на средствата и високи стапки на компензација.
Земјите-членки треба да одвојат дополнителни милијарда евра за финансирање на проектот откако веќе во декември се договорија дека ќе го дополнат европскиот фонд за мир со уште 2 милијарди евра, со можност за дополнителни 3,5 милијарди. ЕУ исто така ќе охрабри трети земји да му се приклучат на фондот. „Ние сме во разговори со Норвежаните, со потенцијален интерес од Канаѓаните“, рече претставникот.
Паралелно, Европската агенција за одбрана ќе ги собере барањата на земјите-членки за обновување на резервите и ќе води забрзана процедура за директни преговори со доставувачите на индустриска муниција во Европа. Според официјалниот претставник, вкупно 12 компании во девет земји-членки произведуваат муниција од 155 мм. Европската комисија (ЕК), имено Владата на ЕУ, ќе ги охрабри да го зголемат производството, со гаранции за долгорочна побарувачка, што ќе го направи проектот интересен за нив, како што рече претставникот. Се проценува дека Украина истрелува 6.000-7.000 артилериски гранати дневно. Планот ќе биде разгледан следната недела од министрите за одбрана на ЕУ, пред министрите за надворешни работи и за одбрана дополнително да разговараат за него на состанокот на 20 март. Лидерите потоа би можеле да го потврдат за време на самитот во Брисел на 23 и 24 март.
И Германија ќе го зголеми производството на муниција за поддршка на Украина
Германија ќе го зголеми производството на муниција заради продолжување на воената поддршка за Украина. Ова го соопшти германскиот канцелар Олаф Шолц.
– Едногодишната поддршка на Украина ни донесе и знаење што ни овозможува да обезбедиме доволно снабдување, со резервни делови, дека создадовме капацитет за поправка на оружјето користено во војната, на локации надвор од Украина. Ќе се погрижиме производството на муниција да биде понапредно, како за оружјето што самите го набавивме, така и за оние што доаѓаат од класичните резерви што ги има во Источна Европа – рече Шолц.
Минатиот месец се одржа заеднички состанок на водечките украински и германски компании од одбранбената индустрија. Во втората половина на февруари беше објавено дека германската одбранбена компанија КМВ (Krauss-Maffei Wegmann) започнала со подготовка на тенкови „леопард 1A5“ за испорака во Украина.
Претходно, министерот за одбрана на Украина, Олексеј Резников, изјави дека напролет во Украина треба да пристигнат околу 25 тенка „леопард 1“. Покрај тоа, германската влада одлучи да пренесе 18 тенка „леопард 2А6“ во Украина наместо претходно ветените 14. Тенковите треба да доаѓаат од резервите на Бундесверот. Германија ќе обезбеди и логистика и муниција за овие возила.
Германскиот Рајнметал започна со производство на стотици илјади муниција од 35 мм, која се користи во украинските самоодни противвоздушни пушки „гепард“. Исто така, Рајнметал ја снабдува Украина со автоматизирани системи за извидување по налог на германската влада.