Секоја агресија и насилство оставаат психолошки лузни кај најмладите
Иако во нашето општество честопати „метафорично“ може да се слушне дека ќотекот е излезен од рајот, мора да се нагласи дека агресијата произведува и продуцира агресија, а несомненo секоја агресија и насилство оставаат психолошки лузни, кои се невидливи со голо око, а сепак се присутни, особено кај децата и ги следат целиот нивни живот, вели психологот м-р Адмир Косоврасти. Кај нас е често присутно родителите да ги навредуваат децата, нарекувајќи ги со разни погрдни имиња, но не е секојдневие само употребата на ваков речник за комуникација со децата, туку и ќотекот е дел од воспитните методи на многу родители.
Малтретираните страдаат во тишина
Психологот алармира дека насилството, запоставеноста и злоупотребата на децата, особено во најраните години, може да остават трајни последици врз развојот на нивниот мозок и дека тоа може да резултира со тешкотии во учењето и ограничени социјални вештини.
– Злоупотребуваните деца имаат многу повеќе шанси да покажат ризично или деликвентно однесување, или да страдаат од депресија или анксиозност кога ќе бидат возрасни – вели Косоврасти, додавајќи дека слични физички и когнитивни лузни добиваат и децата лишени од семејна средина, односно децата без родители, без љубов, внимание и поддршка.
Не треба да се заборави дека повеќето случаи на семејно насилство не се пријавуваат, што значи дека размерите на семејното насилство се многу поголеми од насловите во медиумите. Скриени од јавноста, зад завеси и под тепих, има многу деца што страдаат во тишина.
Според психологот Косоврасти, на секое дете му треба безгрижно детство, целосно ослободено од насилство, експлоатација и злоупотреба.
– Да се биде сведок на насилство е штетно за детскиот развој, дури и тогаш кога насилството не е насочено кон детето. Насилството раѓа друго насилство. Децата речиси секогаш се свесни за постоењето на домашно насилство. Во 40-80 отсто од случаите на насилство помеѓу интимните партнери, децата или го гледаат или го слушаат чинот на насилство и самите стануваат негови жртви – појаснува психологот.
Немир, нарушено и агресивно поведение, регресија на развојот, тешкотии во
учењето, депресија или анксиозност…
Косоврасти смета дека возрасните, вообичаено, го потценуваат обемот на насилството чиј сведок се нивните деца.
– Клиничката слика на дете што е жртва на семејно насилство е специфична. Забележано е дека таквите деца страдаат од нарушувања на сонот, ноќни мори, проблем со меморијата и концентрацијата, хипервигилност и повторувани епизоди на повторно доживување на трауматичните настани. Во меѓувреме, детските емоции постепено стануваат затапени – додава тој.
Според досегашните искуства на психолозите, долготрајната изложеност на децата на насилство може да се манифестира со немир, нарушено и агресивно поведение, регресија на развојот, тешкотии во учењето, депресија или анксиозност, повлекување од социјалните контакти и слично.
Повеќе форми на насилство злоупотребувани врз најмладите
Насилството врз децата може да се манифестира во различни форми: физичко, психичко и сексуално, а утврдувањето на причинско-последичната врска помеѓу насилството и неговите последици понекогаш може дополнително да се комплицира со други фактори.
– Изложеноста на насилство во детството остава повеќекратни последици врз детето. Физичкото насилство предизвикува не само физичка туку и психолошка штета. Слично на тоа, последиците од психичкото вознемирување понекогаш може да имаат физички манифестации. Истражувањата покажуваат и дека децата изложени на еден вид насилство имаат големи шанси да доживеат други форми на злоупотреба. Овој феномен се нарекува „поливиктимизација“ – појаснува Косоврасти, додавајќи дека негативните последици од насилството се акумулираат, што значи дека поливиктимизацијата води до најнегативни исходи.
Спокојна и упорна работа со децата
– Изложеноста на домашно насилство речиси секогаш значи кризна ситуација во семејството. Пристапот треба да ги следи принципите на менаџмент со кризи, односно ако децата се присутни на средбата, тие не треба да се игнорираат, туку да се вклучат во дискусија – препорачува психологот.
Според него, ситуацијата прво треба да се дискутира со возрасните, пред да се вклучат децата во разговорот, а дискусијата треба да се однесува само на актуелниот настан. Децата треба да се информираат дека лицето што го води интервјуто го слушнало објаснувањето на возрасните што се случило дома.
– На децата треба да им се даде можност да кажат што виделе, слушнале или почувствувале за време на инцидентот. Исто така на децата треба да им се каже дека семејството ќе добие помош, па разговорот околу инцидентот би требало да ги расветли настаните за детето – смета Косоврасти.
Тој додава дека следењето на детето треба да биде одговорност на клиниките што имаат специфичен план за работа со децата и семејството. Тука се одделот за детска психијатрија и специјалистички одделенија што имаат искуства во справување со проблеми, поврзани со насилството.
– Сите сме еднакво одговорни, без разлика од каква перспектива и каква улога имаме во општеството да не дозволиме децата или младинците да имаат душевни лузни. Инвестирајќи во децата и нивната благосостојба, градејќи здрави генерации, ние всушност инвестираме во државата, бидејќи каква ни е младината денес, таква ќе ни биде државата утре – констатира Косоврасти.