Сирил Бомгартнер, амбасадор на Франција во Македонија

Се заокружува една година откако главниот геополитички, европски и глобален предизвик претставува барање решение за руско-украинскиот конфликт. Постојат ли реални основи за надеж дека оваа овој оружен (воен) конфликт на европско тло може да биде надминат во брзо време?
– Во оваа воена агресија, Европската Унија, Франција и Северна Македонија се на истата страна. На страната на правдата и меѓународното право.
Од пред една година, воената состојба значително се промени. Сега се наоѓаме во ситуација што повеќе е војна за позиции, со релативно ограничени територијални предности низ целата земја. Основна цел е оваа воена агресија да пропадне, а по неа да се воспостави праведен и траен мир, и тоа што е можно побрзо. Но не може да се исклучи можноста војната да трае долго време.
Во тој контекст, од суштинско значење е да останеме обединети, сите сојузници, за да ги продолжиме и продлабочиме преземените активности, онолку долго колку што е потребно. Од една страна станува збор за поддршка на Украина, на економски, хуманитарен, воен и дипломатски план, а од друга страна за санкционирање на Русија како држава агресор. Во однос на овие два аспекта, поддршката за Украина и санкциите против Русија, Европската Унија има водечка улога во рамките на меѓународниот одговор, а напорите што ги вложува во секој поглед се од ист обем како тие на САД. За тоа, Франција зазема значајно место, како и Северна Македонија, во рамките на своите можности, вклучувајќи и преку своето активно претседавање со ОБСЕ.

Во овој нов меѓународен контекст, стратегискиот интерес за Западен Балкан е дополнително зголемен. Ова е една од главните причини на кои сме сведоци на значајно интензивирање на односите меѓу овој регион и ЕУ во текот на изминатата година, што особено го обележи историското забрзување на процесот на европска интеграција (со Северна Македонија, Албанија и со Босна и Херцеговина), како и воспоставувањето нова рамка за политички дијалог и соработка на највисоко ниво – Европската политичка заедница – чиј втор самит ќе се одржи во јуни во Кишинев и примена на нови мерки на финансиска солидарност насочени кон помош на земјите од Западен Балкан за да се справат со енергетската криза (мерки што за Северна Македонија вклучуваат буџетска помош од 80 милиони евра).
Македонија им е лојален сојузник и на НАТО и на ЕУ, усогласувајќи ја својата надворешна политика во однос на сите приоритетни предизвици и глобален план, особено во поддршката на Украина, како на Алијансата, така и на Унијата. Но што е потребно да се стори од другата, партнерска страна, за Македонија да добие рамноправен третман во својот евроинтегративен процес? Имено, процесот реално да биде заснован на европските вредности и Копенхашките критериуми за проширување на Унијата, а не втемелен на задоволување на постојаните апетити на соседите Грција и Бугарија, поради кои Македонија направи и сѐ уште прави колосални отстапки (историски, јазични, идентитетски), не само на своја штета туку и на штета на меѓународното право?

– Односот на Северна Македонија е за пример во поглед на војната во Украина, за што земјата добива признание. Нејзиниот придонес се остварува и преку активното претседавање со ОБСЕ, што овозможува да се констатира постигнат напредок во однос на тоа што од земја корисник, таа стана земја извозник на безбедноста.
Овој развој е ветувачки за интеграцијата на земјата во Европската Унија, што е наша заедничка цел и ќе биде од суштинско значење за Северна Македонија да даде активен придонес во понатамошното остварување на европскиот проект, а особено во однос на афирмацијата на европскиот суверенитет, чија итност беше потенцирана со неодамнешните нарушувања на меѓународниот поредок.
Овој процес на интегрирање на Северна Македонија достигна историска пресвртница минатото лето. Тој се раководи од истите принципи, строги и транспарентни, како и за секоја друга земја кандидат, во поглед на примената на европското право. Европскиот компромис, преговаран и прифатен од сите страни во јули минатата година, вклучуваше отстапки; но тие компромиси се заемни и го почитуваат европското и меѓународното право. Конкретно, во врска со прашањето за македонскиот јазик, формулацијата што е донесена всушност изразува признание, без никакви услови, ѕвездички или фусноти, за што сведочи потпишувањето на Договорот за соработка со Фронтекс, кој исто така долго време беше блокиран.