Најголемото дело на Петар Лубарда (сликарот награден во 1937 г. на Светската изложба во Париз, во 1950-тите на биеналињата во Сао Паоло и во Токио, во 1956 г. добитник на Националната награда на престижниот „Гугенхајм“ од Њујорк) што го имаме во Македонија е постојано изложено покрај скалите во Домот на АРМ. Станува збор за монументалната композиција „Раѓањето на езерото“ за која ексклузивно за „Нова Македонија“ во 1971 г. уметникот изјавил: „По мое мислење оваа гигантеска ќе биде најсилна во моето досегашно ликовно создавање“. Интервјуто со наслов „Скопска гигантеска на Лубарда“ може да се најде во архивите на нашиот весник
Во октомври 1963 година, најзначајниот уметник и еден од најистакнатите сликари на територијата на поранешна Југославија од втората половина на 20 век, Петар Лубарда, ги подарил сите 26 дела од својата изложба во Ниш, подоцна изложени и во Скопје, со што тој станал не само еден од првите туку и меѓу најголемите дарители на МСУ-Скопје. Денес во колекцијата на МСУ има вкупно 52 дела од сликарот (награден во 1937 г. на Светската изложба во Париз, во 1950-тите на биеналињата во Сао Паоло и во Токио, во 1956 г. добитник на Националната награда на престижниот „Гугенхајм“ од Њујорк..), кои од вечерва ќе може да ги види и домашната публика. Но постои една приказна поврзана со овој автор што можеби треба да се раскаже во пресрет на отворањето на изложбата, а која верувам дека мал дел од публиката што вечерва ќе „пропарадира“ во МСУ ја знае.
Станува збор, всушност, за најголемото дело на Лубарда што го имаме, кое е постојано изложено покрај скалите во Домот на АРМ – монументалната композиција „Раѓањето на езерото“, во формат од 81 метар квадратен за која сликарот, во 1971 година кога ја насликал, ексклузивно за „Нова Македонија“ изјавил: „Тоа ќе биде моето најсилно дело!“ Интервјуто на Ристо Кузмановски, направено на 13 ноември во Културниот центар во Белград, кое може да се најде во архивите на нашиот весник, е насловено „Скопска гигантеска на Лубарда“. За инспирацијата на делото авторот вели: „Една од нив е причината што во Македонија се наоѓаат стари езера, најстари во Европа, настанати по тектонските поместувања на Земјината кора пред милиони години. А преку тоа се содржани и многу други нешта. Самиот судир, воопшто, раѓањето како такво, односно создавањето, процесот, кој во природата е логичен.
“ Скопската композиција е изведена во специјална лак-техника. Најинтересниот дел од интервјуто, пак, зборува за важноста на ова дело, за кое многу малку или воопшто не се пишувало кај нас последниве децении: „По мое мислење оваа гигантеска ќе биде најсилна во моето досегашно ликовно создавање… Работев во фреско и други сликарски техники, а сега во лак техника. Но за мене техниката нема првенствено значење. Секогаш се грижам ликовниот третман да биде усогласен со техниката во која ги изведувам моите композиции…“ Кон крајот на интервјуто големиот уметник вели: „Денешните градови имаат огромни димензии и ако не ги оплеменуваме со уметност тие можат да постанат суви, да не кажам пусти.“ Во архивата на „Нова Македонија“ може да се најдат и други текстови, како што е на пример оној по повод отворањето на неговата изложба со 26-те дела во Скопје, во Домот на синдикатите (патем, првата изложба отворена во Скопје по земјотресот), кои подоцна му ги подарува на МСУ, а во кој Лубарда изјавува: „Скопје е неисцрпна инспирација!“
Покрај овие непроценливи архивски материјали на нашиот весник, на интернет не може да се најде речиси ништо поврзано со делото на Лубарда во Скопје.
Овие и уште многу вакви неверојатни приказни кријат овој град и оваа земја, за жал, малку познати на пошироката јавност. Приказната за „најсилното“ дело на големиот Лубарда со сигурност ја знаат повозрасните вљубеници во уметноста и професионални проследувачи на ликовната уметност кај нас, ама се сомневам дека им е позната на поновите генерации. А тие се нашата идна публика, која не сакаме да оди во музеј само за да си направи селфи!
Единствен е текстот на д-р Кирил Пенушлиски со наслов „Генезата на Раѓањето на езерото на Петар Лубарда во Скопје“, објавен во списанието на универзитетот „Еуропа Прима“, што може да се најде онлајн, и во кој се откриваат интересни детали за тоа дека, за жал, архивската документација на домот е загубена при повлекувањето на ЈНА од Македонија во 1991 година и неговите обиди да дојде до тие документи биле неуспешни, дека затоа деталите околу нарачката на делото, како и информациите за изведбата и поставувањето на сликата во домот, остануваат нејасни, но дека од позицијата на сликата во холот, станува јасно дека при самото проектирање на зградата, тој ѕид бил направен плански, да носи големо уметничко дело. Според мислењето на Пенушлиски, претходните контакти на Лубарда со Скопје биле пресудни при изборот на уметникот, а еден од првите контакти на Лубарда со Скопје потекнуваат од доцните дваесетти години, кога во Париз се запознал со еден од основоположниците на модерната македонска уметност, Никола Мартиноски…
Овие и уште многу вакви неверојатни приказни кријат овој град и оваа земја, за жал, малку познати на пошироката јавност. Приказната за „најсилното“ дело на големиот Лубарда со сигурност ја знаат повозрасните вљубеници во уметноста и професионални проследувачи на ликовната уметност кај нас, ама се сомневам дека им е позната на поновите генерации. А тие се нашата идна публика, која не сакаме да оди во музеј или во галерија само за да си направи селфи!