Карикатурата е важна за една нација, за една култура, ги отсликува целата функционалност и дисфункционалноста на едно општество. Токму затоа карикатурата е составен дел од весникот „Нова Македонија“ перманентно низ годините сѐ до денес
Жанр присутен во „Нова Македонија“ низ годините
Колку карикатурата со својата хумористична димензија ни помага да ја разбереме и да ја надминеме непријатната реалност што владее во светот? Која алатка ни останува да го подобриме светот и да се подобриме себеси? Несомнено тоа се прашања блиски на оние што ги поставува и карикатурата како жанр. Ова, меѓу другото, беше една од темите загатнати на неодамнешното отворањето на изложбата на дела од 54. светска галерија на карикатури на „Остен“.
Карикатурата е важна за една нација, за една култура, ги отсликува целата функционалност и дисфункционалноста на едно општество. Токму затоа карикатурата е составен дел од весникот „Нова Македонија“ перманентно низ годините сѐ до денес. Весникот важи за еден од ретките медиуми што го негуваат и практикуваат овој жанр. Многу години познатиот карикатурист и сатиричар Дарко Марковиќ и неговиот популарен стрип „Пецко“ беа дел од содржините на „Нова Македонија“, подоцна редовна рубрика на страниците на весникот беше стрипот под наслов „Пусто турско“, а до денес не е реткост карикатурата да се најде и на насловната страница на весникот.
Според карикатуристот Седо Перо, за еден медиум и за едно општество карикатурата е важна алатка, барометар за здравиот дух на општеството во кое сите ние живееме.
– Политичката карикатура секако дека е важна алатка за едно општество. Ако во здраво тело има здрав дух, политичката карикатура го дава еликсирот за здрав дух, дури во нездраво политичко тело. Нејзината појава и зачестеност, за жал, е во сооднос со слободата на говорот. Посилна од зборот, погласна од слоганите на партиите, помоќна од моќта на демосот, кој ја избира власта да владее во негово име. И тогаш кога избраниот е наглув за тој што го избрал, таа продолжува да биде пантомимата на неговиот дух. Хуморот е доблесната страна на светот, насмевката е најпосакуваната состојба на човекот – вели карикатуристот Седо Перо.
Според него, во политичкиот свет каде што владее привидната сериозност, карикатурата ја изнудуваа вистината, на саркастичен начин.
– Карикатурата ги реализира нереализираните ветувања на политичарите, таа е магична како секоја политичка програма. Таа е дневна, месечна, квартална и годишна. Го покрива целиот мандат, го соблазнува мандатарот. Ја има доволно или недоволно во општеството, онолку колку што е охрабрен поединецот креатор. Ослободен од премислата за казната за својот грев. Затоа што низ политичката призма, засмевањето на народната толпа за владетелот е грев. Дури по оваа граница, таа е барометар за здравиот дух на општеството во кое сите ние живееме – вели Перо.
Во време кога новите технологии преовладуваат во секоја сфера, па и во уметностите, карикатурата успева да опстојува и продолжува да привлекува внимание и интерес, да биде критичар и коректив на секоја општествена и човечка аномалија. И според карикатуристот Мирослав Георгиевски-Миро, карикатурата е моќно оружје.
– Политичката карикатура може да биде едно од најмоќните „оружја“ во светот. Цртежот, и без ниту еден збор коментар, е сублимат на мудрост, креативност, хумор, сатира… Но колку таа има моќ да влијае на јавното мислење? Има, и тоа многу. Секој влијателен весник во светот ја негува и ја форсира карикатурата. За жал, ситуацијата кај нас е поинаква. Интересот на медиумите, мислам на пишаните, е многу слаб, па карикатуристите најчесто ги користат современите медиуми, кои се достапни до поширок круг љубители на карикатурата – истакнува Миро.