Три поранешни европски прваци во трка за трофејот во ЛЕ

ФУДБАЛ

Феенорд (1970 година), Јувентус (1985, 1996) и Манчестер јунајтед (1968, 1999, 2008) се трите поранешни европски фудбалски прваци што се во трка по трофејот во Лига Европа (ЛЕ) сезонава, како и Рома, која лани триумфира во Конференциската лига (КЛ), а сега е во игра за нов европски трофеј, тој во Лига Европа. Феенорд стана европски првак во 1970 година, Јувентус трофејот го освојуваше во 1985 и во 1996-та, а Манчестер јунајтед во 1968, 1999 и во 2008 година.
Трите клуба претходно го освојувале и пехарот во Лига Европа (натпреварување порано со име Куп на УЕФА), и тоа Јувентус трипати (во 1977, 1990 и во 1993 година), Феенорд двапати (1974, 2002), а Манчестер јунајтед еднаш (2017). Вчерашната ждрепка одреди во осминафиналето сезонава Јувентус да игра со Фрајбург, Манчестер јунајтед со Бетис, а Феенорд со Шахтер.
Победникот на Лига Европа ќе се пласира во Лигата на шампионите (ЛШ) за следната сезона и ќе настапи во Суперкупот на УЕФА, во меч против новиот европски првак.
Баер, Спортинг, Шахтер, Севилја и Јувентус сезоната ја почнаа во Лигата на шампионите, но се префрлија во ЛЕ поради пласман на третото место во своите групи.
Во осминафиналето на Лига Европа има клубови од 10 земји, а меѓу 16-те најдобри во Конференциската лига од 13. Вкупно, заедно со Лигата на шампионите, меѓу 48-те најдобри екипи во трите европски купа сезонава има претставници на 17 земји, од нив по седум имаат Англија (седум ја почнаа сезоната), Германија (од осум) и Италија (од седум), Шпанија има пет (од седум)… Н.М.


ОСМИНАФИНАЛЕ, ДВОЈКИ
ЛИГА ЕВРОПА

Унион Берлин – Унион ројал СЖ
Севилја – Фенербахче
Јувентус – Фрајбург
Баер – Ференцварош
Спортинг – Арсенал
Манчестер јунајтед – Бетис
Рома – Сосиедад
Шахтер – Феенорд

дуелите се на 9 и на 16 март

КОНФЕРЕНЦИСКА ЛИГА
Истанбул Башакшехир – Гент
АЕК Ларнака – Вест хем
Андерлехт – Вилјареал
Шериф – Ница
Лацио – АЗ
Лех – Дјургарден
Фиорентина – Сиваспор
Базел – Слован

дуелите се на 9 и на 16 март