Ќе се менува Законот за основно образование
Министерството за образование пристапи кон менување на Законот за основно образование со цел да се овозможи континуиран образовен процес за малолетниците, кои издржуваат мерка упатување во Воспитно-поправен дом (ВПД), но и по завршувањето тие да добијат валидна диплома, која ќе има важност на јавна исправа, а не како досега нивното едуцирање да се сведува на проекти, кои всушност претставуваат неформално образование.
На Единствениот национален електронски регистар на Македонија (ЕНЕР) на 10 февруари е објавено известување за почеток на процесот за подготовка на Закон за изменување и дополнување на Законот за основното образование. Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот е со цел регулирање на воспитно образовниот процес во воспитно-поправните и казнено поправните установи, односно обезбедување континуиран образовен процес за малолетниците во воспитно-поправните и казнено поправните установи, чие образование ќе се заврши со документ за завршено формално основно образование-свидетелство.
Временската рамка за изготвување на предлог-законот е до задутре, 23 февруари, а процесот вклучува барања за писмени мислења, забелешки и сугестии од засегнатите страни, учество во работни групи формирани од страна на Министерството или Владата и состаноци со засегнатите страни.
Штитениците во Воспитно-поправниот дом Тетово лани во декември по речиси двомесечниот прекин повторно добија образование. По реакцијата на Народниот правобранител до Министерството за образование на крајот на ноември минатата година на 13 декември образованието за 15 деца кои издржуваат мерка „Упатување во воспитно-поправен дом“ продолжи.
Дисконтинуитетот во образованието за штитениците во ВПД-Тетово, каде се сместуваат машки деца кои дошле во судир со законот, не е новина. Станува збор за основно образование на повозрасна група деца, кои од различни причини пред да се упатат во домот не успеале да го завршат задолжителното основно образование. Во ВПД-Тетово се упатуваат деца кои се судриле со законот на возраст од 14 до 21 година, поради тоа што и нивното образување мора да се прилагоди на возраста, како и на степенот на подготвеност кој го имаат.
ЕК нотираше дека се потребни законски измени за пронаоѓање долгорочно решение за сместување и ресоцијализација на малолетнички кои дошле во судир со законот и на кои им е одредена мерка „упатување во Воспитно-поправен дом“, со оглед на тоа што во моментов девојчињата, кои треба да ја отслужат оваа мерка, се сместуваат во затворски услови во женското одделение на затворот Идризово, каде немаат соодветна грижа, едукација и ресоцијализација. Комисијата нотираше подобрување на условите за сместување на малолетниците во објектот на Воспитно-поправниот дом во Волковија. Сепак, забележа дека во периодот меѓу септември 2021 и јуни 2022 година тие немале пристап до образование.