Фото: Маја Јаневска-Илиева

Многумина од возачите што управуваат возило во алкохолизирана состојба, пред да седнат зад воланот, џвакаат гуми за џвакање со надеж дека на тој начин ќе го измамат апаратот за мерење алкохол на полицијата, меѓу возачите повеќе познат како дрегер. Некои од нив јадат и лути ментол-бонбони за да не бидат фатени. Факт е дека барем еднаш во животот, возачите се обиделе да направат нешто за да го измамат апаратчето за алкотест. Дали тоа воопшто може да се направи, како функционира и на кој начин дрегерот го мери количеството алкохол во крвта?

ШТО Е АЛКОТЕСТ, КАКО СЕ ПРАВИ И КАКО ГО МЕРИ КОЛИЧЕСТВОТО АЛКОХОЛ

Законските одредби се децидни. Никој не смее да седне да вози автомобил под дејство на алкохол. И тоа не е така само според законот, туку и според здравиот разум. Според науката, лицата што возат во алкохолизирана состојба имаат намалена концентрација, намалено внимание и способност да расудуваат додека управуваат со автомобилот и сето тоа само со испиена една чашка алкохол. За жал, од година на година расте бројот на загинати во сообраќајни несреќи токму како последица на алкохолот, а дневните извештаи на МВР покажуваат дека и покрај присуството на сообраќајната полиција низ улиците во земјава, возачите продолжуваат да возат под дејство на алкохол, со надеж дека ќе успеат да ја измамат полицијата или апаратчето за алкотест.

КАКО РАБОТИ ДРЕГЕРОТ

Многумина од возачите што управуваат возило во алкохолизирана состојба, пред да седнат зад воланот, џвакаат гуми за џвакање со надеж дека на тој начин ќе го измамат апаратот за мерење алкохол на полицијата, повеќе познат како дрегер. Некои од нив јадат и лути ментол-бонбони за да не бидат фатени. Факт е дека барем еднаш во животот возачите се обиделе да направат нешто за да го измамат апаратчето за алкотест.
Дали тоа воопшто може да се направи, како функционира и на кој начин дрегерот го мери количеството алкохол во крвта?
Како што и самото име кажува, алкотестот е тестирање на количеството алкохол во здивот. Со ова се проверува концентрацијата на алкохол во промили и тоа се прави со посебна направа – дрегер.
Дрегерот е дигитален. Секако, мерењата со него се основни, а количеството алкохол во крвта дополнително ако има потреба се мери во лабораторија со крвни тестови.
Проверката на количеството алкохол во крвта почнува така што возачот дува во пластична усница, која поради хигиенски причини се менува за секој возач посебно.
Како што информираат од МВР, алкомерот работи на принцип на мерење со електрохемиски сензор и приказ на мерната единица е г/кг а изразена во промили.
Кај овој алкотест, ако постои присуство на алкохол, етанолот во здивот ќе предизвика оксидациска реакција и ќе предизвика промени, што резултира со промена на боите на кристалите во алкотестот од портокалова во зелена. Резултатот е видлив по неколку минути.
Алкотестовите користат разни сензори што многу специфично го мерат количеството алкохол во здивот и не се пречувствителни на други елементи. За разлика од дрегерите во минатото, денешните се многу попрецизни и поточни.
Името дрегер го добиле по познатата фирма „Драгер“ што ги произведува алкотестовите што се користат на нашето подрачје. Ваквите уреди го мерат исклучиво количеството алкохолни испарувања во здивот на испитаникот, а не количеството алкохол во крвта. За да се утврди тоа, лицето мора да се испрати на лабораториско испитување.

МОЖЕ ЛИ АЛКОТЕСТОТ ДА потфрли?

На резултатите од алкотестот, освен количеството алкохол што еден човек го консумира, многу големо влијание има и времето поминато откога лицето пиело до времето кога се прави тестирањето, како и дали испитаникот нешто јадел или не. Со оглед на тоа дека алкотестот го мери количеството алкохолна пареа во здивот, а не количеството алкохол во крвта, можно е резултатите да се нереални, сметаат експертите. На тоа влијаат голем број фактори.
За тоа колку време останува алкохолот во телото, големо влијание имаат тежината на испитаникот, количеството храна што ја консумирал или, пак, пиењето лекови, како и колку време поминало од пиењето до тестирањето.
Така, многу е лесно една чаша алкохол кај лице што е слабо и не јадело ништо да остане доста подолго време отколку кај човек што има повеќе килограми и што консумирало храна.
Алкохолот ќе има посилно дејство и на алкотестот ако лицето пиело на гладен стомак, како и лековите што се испиле, а кои речиси секогаш имаат некаква корелација со алкохолот.
Иако сите луѓе различно реагираат на дејството на алкохолот, алкотестот дефинитивно покажува дали еден човек пиел или не. Ако поминало повеќе време од консумирањето до алкотестот, дрегерот ќе покаже дека има присуство на алкохол, меѓутоа во многу помали количества.
Додека едни научници тврдат дека со гуми за џвакање, храна или други пијалаци не може да се измами алкотестот, повеќебројни се експертите што сепак покажале и докажале дека разлика, секако, има. Со промената на содржината на пареата од здивот со помош на храна или гума за џвакање ќе има влијание на промилите што алкотестот треба да ги покаже.
Некои истражувања покажале дека дури и пушењето има влијание на намалување на промилите.
Овие податоци исто така говорат и дека личноста што можеби испила премногу, запалила цигара и јадела, па дури по половина час направила алкотест, може да има помалку промили од личност што испила само една чаша, меѓутоа не направила ништо од горенаведеното и тестот го направила само 15 минути по пиењето.
Меѓутоа, доколку лицето пиело алкохол доволно за на тестирањето резултатот да биде поголем од 0,0 промили, мали се шансите дека каква било храна ќе може да покаже 0 промили. Алкотестот ќе покаже дека алкохолна пареа постои во здивот. Со еден збор кажано, алкотестот не може да се измами.
Делумно е точно и тврдењето дека доколку лицето консумира салата со вински оцет или, пак, јаде бонбони со алкохол сепак ќе добие позитивен алкотест за присуство на алкохолна пареа. Делумно е точно само доколку тестирањето се направи веднаш по нивното консумирање. Ако поминат неколку минути, алкохолот во здивот не се чувствува, односно, минијатурни се шансите да бидете казнети доколку сте јаделе салата.

Разбивање на најголемите МИТОВИ ЗА АЛКОТЕСТОТ И АЛКОХОЛОТ

Возачите што уживаат во алкохолот неретко сакаат да веруваат во разни измислени митови за алкотестот и алкохолот, кои најчесто немаат никаква врска со вистината.
Меѓутоа, науката ги докажала многубројните вистини за алкохолот и алкотестот.
Факт е дека алкохолот ги уништува сите органи во телото и кога сте под негово дејство, не можете да имате иста контрола над телото како кога не сте. Кафето никогаш нема да ве отрезни од пијанство, а гумите за џвакање или бонбоните нема да го сменат резултатот од тестирањето. Миењето со ладна вода или ладен туш нема да ја отрезни пијаната личност, но дополнително ќе ја шокира. Ниту вежбањето или играњето не се лек за трезнење.
На една чаша алкохол потребни ѝ се три часа да излезе од човековото тело, што значи и крвното тестирање ќе покаже присуство на алкохол.
Дали некој пиел или не, може да се дознае од коренот од влакно од главата со тестирање дури и 90 дена по пиењето. Тестирањето на алкохолот во урина ќе покаже позитивен резултат дури 80 часа по консумирањето на само една чаша алкохол.
Исто така, само една чаша алкохол влијае на возачките, моторичките и говорните способности.
Алкохолот е еднакво опасен и може да предизвика зависност исто како и дрогата.
Алкохолот не е шега. И покрај многубројните апели од МВР, на улиците во земјава сѐ уште има несовесни возачи што ги ставаат во опасност сопствените и туѓите животи.


МВР има 144 алкомери

Министерството за внатрешни работи располага со вкупна бројка од 144 алкомери, а причината за алкостестирање на еден возач е со цел да се утврди присуство на алкохол во крвта кај тестираниот.
– Алкомерот работи на принцип на мерење со електрохемиски сензор и приказ на мерната единица е г/кг а изразена во промили. Измерената вредност е точна бидејќи алкомерите се верификуваат на годишно ниво во акредитирана лабораторија, а за истите тие Бирото за метрологија издава решение за верификувано мерило – информираат од МВР.
Наедно додаваат дека по секое мерење на алкохолот во крвта кај возач, возачот над кој е извршено алкотестирање не се упатува на лабораториско испитување, освен во случаи определени со закон.
Оттаму секојдневно апелираат до возачите за зголемување на свеста при управување моторно возило, со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.