Бугарија денеска испраќа три генератори за електрична енергија на три гранични пункта со Македонија, изјави бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев.
Трите генератори Демерџиев ги најавил во саботата за време на престојот во Скопје по повод одбележувањето 151 година од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев, а по информациите дека бугарски граѓани не можат да ја поминат границата зашто е паднат системот за проверка на лични документи поради прекин во напојувањето со струја.
По минатонеделниот состанок со неговиот македонски колега Оливер Спасовски, Демерџиев најавил дека е можно до крајот на неделава да има нови средби со претставници на македонските власти, овој пат во Делчево, а не во Скопје.
Во изјава за новинарите во Софија, тој рече дека дијалогот со Македонија продолжува, нагласувајќи оти „насилството и провокациите треба да прекинат бидејќи раѓаат ново насилство и провокации, и тој маѓепсан круг мора да се прекине“.
– Сакам македонската страна да разбере дека патот до добрососедските односи и патот кон Европа е преку дела, а не со зборови. Кога тоа ќе се случи, односите меѓу двете земји ќе влезат во насока во која би сакале и која сме должни да ја обезбедиме – рече Демерџиев.
Тој посочи и дека не му бил даден ниту еден доказ дека на 4 февруари на граница имало луѓе кои имале радикално однесување.
– Нормално е луѓето да реагираат кога ќе видат дека се обработуваат возилата кои влегуваа во Бугарија, но во другата насока не – рече Демерџиев. Според него, немало причина да се спречуваат луѓето кои сакале да дојдат во Скопје за да положат цвеќе.