Новоизбраниот претседател на Чешка, Петар Павел, кој е поранешен генерал на НАТО, изјави дека не треба да има никакви ограничувања за воената помош од Западот за воено разурната Украина и ги повика сојузниците да бидат похрабри.
Павел, кој беше на чело на воениот комитет на НАТО од 2015 до 2018 година, победи на претседателските избори во саботата и ќе положи заклетва на 9 март.
Тој рече дека Западот треба да и ги достави на Украина, која се бори против руската инвазија, сите видови оружје освен нуклеарното.
-Што се однесува до конвенционалното оружје, навистина не гледам причина да се постават граници. Украина не може да се бори со толку силен противник без оклопни возила, беспилотни летала, артилерија и проектили со поголем дострел, ниту можеби без суперсонични авиони – додаде Павел.
Од почетокот на војната на 24 февруари 2022 година, западните сојузници, вклучително и Чешка, ѝ обезбедија значителна воена помош на Украина.
Според Павел, требало да се покаже поголема храброст, бидејќи „некои земји заземаат малку резервиран став“ во однос на снабдувањето со модерно оружје.