Косовскиот премиер Албин наведе шест услови за прифаќање на формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство, меѓу кои и барањето таа да се формира по конечниот договор со Србија и да нема извршни овластувања.
Првиот услов е Заедницата да биде во согласност со Уставот и законите кои се во сила во Косово, вториот е дека не може да биде еднонационална третиот е да и се смени името и четвртиот е да не може да има каква било јавна или извршна власт.
Според Курти, ЗСО мора да служи на хоризонталната соработка на општините во согласност со Уставот и законот за самоуправа. Потоа, правата на малцинствата треба да се воспостават на принципот на реципроцитет, што значи дека секое право на Србите на Косово треба да биде и за Албанците во Србија.
Како предуслов го наведе затворањето на нелегалните структури на северот на Косово и прифаќање на повелбата на ОН за меѓудржавни односи и да не се попречува аплицирањето на Косово во Европската Унија.
Петтиот услов е Заедницата да биде дел од конечниот договор и да се формира по меѓусебното признавање.
Шестиот услов е претседателот на Србија да ги повлече писмата испратени на адресите на петте земји членки на ЕУ и другите да не го прифаќаат Косово како членка на Европската Унија.
Курти, во обраќањето пред пратениците во косовскиот Парламент побара од високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел да повикува на чести и редовни средби за да се постигне конечен договор.