Фото: МИА

Денеска, во рамките на Меѓународниот ден на сеќавањето на холокаустот, светот им оддава почит на милионите луѓе што ги изгубија своите животи во логорите на смртта. Обединетите нации го одбраа 27 јануари како ден кога им се оддава почит на жртвите на холокаустот, затоа што токму на овој датум беше ослободен концентрациониот логор во Аушвиц

Меѓународен ден на сеќавањето за холокаустот: Македонија памети!

Во меморијата на човештвото, зборот холокауст се поврзува со најмрачниот момент во историјата кога милиони луѓе поради своето потекло и убедување беа плански и систематски уништувани од страна на нацистичкиот режим на Адолф Хитлер, но и од страна на германските сојузници, како што е царска Бугарија предводена од Борис Трети и Богдан Филов. Трагичната судбина на македонските Евреи е поврзана со политиките на бугарската фашистичка влада, која ги депортирала во логорот „Треблинка“ во Полска, каде што биле убиени во гасни комори. Според постојните документи и податоците, од територијата на денешната македонска држава биле депортирани повеќе од 7.000 Евреи, а статистичките податоци исто така покажуваат дека во октомври 1945 година преостанале само 419 припадници на еврејската заедница. Затоа денес им се оддаваат почит и спомен на сите жртви на холокаустот со различни активности, сѐ со цел никогаш да не се повторат ваквите настани од историјата.

Холокаустот – најмрачниот момент на човековата историја

Секој детаљ од уништувачкиот процес бил методски испланиран. Евреите што пристигнувале со возови од Белзец, Собибор и од Треблинка биле лажно информирани од СС дека тоа е само транзитно запирање и дека ќе продолжат кон нивното вистинско одредиште (фабрики каде што требало да работат) по извесно време. Им било кажувано дека нивните алишта ќе бидат дезинфицирани и дека треба најпрвин да се истушираат. Мажите биле одделувани од жените и децата. Сите биле водени во бараките за соблекување. На жените и девојките им била сечена косата. Најпрвин мажите, а потоа и жените биле водени во простории со тушеви, каде што откако ќе влезеле им ги затворале вратите и ги вклучувале машините на бензин. Смртоносниот јаглерод моноксид за кратко им ја труел крвта.
Во Аушвиц-Биркенау, на новодојденците им ја одземале облеката, ја ставале во посебни фиоки со броеви и им наредувале секој да го запомни бројот на својата фиока. Наместо јаглерод моноксид, за нив бил користен пестицидот циклон-Б. На жртвите им биле вадени златните заби, а телата биле уништувани на различни начини, вклучувајќи масовни палења, кремирање на отворен оган или во специјално дизајнирани печки, како оние од Аушвиц. Сета облека, пари, злато, накит, очила и други вредности биле сортирани и враќани назад во Германија за „повторна употреба“. Косата од жените била праќана во фирма во Баварија за производство на перници, перики и фломастери.
Возовите што пристигнувале во Аушвиц биле подложни на процес на селекција од страна на СС-докторите како Јозеф Менгеле. Тој го искористил Аушвиц како можност за продолжување со истражувањата во областа на генетиката и расните разлики, користејќи ги затворениците од логорот како предмет за експериментирање. Особено бил заинтересиран за близнаците, кои биле селектирани и сместувани во посебни бараки. Ја изучувал и болеста наречена нома, која особено ги погодувала ромските деца, со намера да докаже дека одредени болести се јавуваат поради расната инфериорност. Менгеле се интересирал и за психичките абнормални однесувања, како и за генетските нарушувања. Се интересирал и за џуџињата, како што е примерот со романската фамилија Овиц, која имала десет члена, од кои седум биле џуџиња.
Менгеле никогаш не се однесувал кон нив како кон човечки суштества, туку како кон обични предмети за истражување. Во повеќе наврати, тој убивал субјекти само за да може да ги истражува внатрешните органи. Многубројни се сведочењата како на деца од пет-шестгодишна возраст им давал инјекција, за по неколку минути тие да умрат. Правел и експерименти со вештачко осеменување девојки, за да им предизвика абортус во подоцнежниот стадиум на бременоста.

Трагичната судбина на македонските Евреи

Во јули 1940 година, царска Бугарија започнува со донесување антисемитски закони, а во овој правец е и Законот за заштита на нацијата од јануари 1941 година, одобрен од царот Борис Трети. Споменатиот законот е крајно расистички и во согласност со идеологијата на нацизмот. При спроведувањето на овој закон посебно се водело сметка за четвртата глава, која се однесувала „За имотот на лицата со еврејско потекло“, како и на петтата глава „За професионалната и економската активност на лицата со еврејско потекло“. Во овој закон биле наведени сите можни занимања со кои не смееле да се занимаваат Евреите, со што им била намалена можноста да се заработи за пристоен живот. Со одземање на основните граѓански права, всушност, се создале услови за систематска ликвидација на Евреите во границата на тогашното Бугарско Царство.
По бугарската окупација на територијата на денешната македонска држава, се започнало со спроведување на Законот за заштита на нацијата. На 9 април 1941 година, забележано е дека во Битола биле обележани сите еврејски куќи, трговски и занаетчиски дуќани. Според Законот за заштита на нацијата, секој Евреин бил должен да пополни специјална декларација. Во 1942 година притисокот врз Евреите уште повеќе пораснал кога во Битола допатувале тројца специјални инспектори за „еврејското прашање“. Нивното доаѓање било поврзано со започнување на целосниот геноцид со меѓусебен договор на бугарските и германските влади.
Ликвидирањето на Евреите од Македонија било резултат на договор меѓу нацистичка Германија и Царството Бугарија. Од името на двете држави на 2 февруари 1943 година договорот го потпишале Адолф Бекерле (германски полномошен министер во Бугарија) и Петар Габровски, бугарски министер за внатрешни работи. Конкретните планови за депортацијата се документирани во извештај од 12 ноември 1942 година на Министерството за надворешни работи од Германија до Германската легација во Софија, во кој се вели дека „бугарската влада со особено задоволство известува дека конечно ќе се реши еврејското прашање.“ Покрај ова, бугарската влада бара од Германија да ѝ ги достави деталните планови за иселување на Евреите од Романија со цел и таа да преземе неопходни мерки за иселување на Евреите.
На Комесарството за еврејски прашања бугарската влада му дава налог да направи списоци на целокупното еврејско население во Македонија, со имотите на сите членови на семејството, возраст, пол, професијата и улицата, бројот и местото на живеење. Рокот за доставување на главните списоци бил само неколку дена.
Во телеграмата од 4 април 1943 година од Ото фон Рибентроп, министер за надворешни работи на нацистичка Германија, испратена до Германската легација во Софија за разговорите во Берлин со царот Борис за еврејскиот проблем, во точката 4 се вели: „Царот изјави дека досега дал согласност за иселување во Источна Европа само за Евреите од Македонија и од Тракија. За Евреите од самата Бугарија тој сака да се иселат само еден мал број болшевичко-комунистички елементи. Другите 25.000 Евреи ќе ги собере во концентрациони логори во земјата, зашто има потреба за градење патишта. Не се задржав на изјавата на царот и се задоволив со тоа што му истакнав дека, според нашето мислење, само радикалното решение е единствено вистинско решение на еврејското прашање.“
По потпишувањето на договорот следува протоколот бр. 32 на Министерскиот совет од 2 март 1943 година, со кој се предвидуваат организациските мерки за депортирањето 20.000 Евреи од „новите“ и „старите“ предели на Бугарија и за одземање на имотите.
Во ноќта помеѓу 10 и 11 март 1943 година, градовите Битола, Штип и Скопје биле блокирани, а еврејските населби опколени со бугарска војска и полиција. Во раните утрински часови, на 11 март, започнало собирањето на Евреите. Жените, децата и болните ги товареле во камиони или во шпедитерски коли. Полицајците на луѓето им велеле со нив да ги земат сите скапоцености и пари, зашто ќе им требаат, и дека ќе бидат префрлени во Бугарија. Пљачкосувањето на имотот настанало уште на самото место, во куќите, при собирањето на Евреите. Продолжило на железничките станици во Битола и во Штип, но и во Државниот монопол во Скопје.
Сите Евреи од Македонија биле депортирани во логорот „Треблинка“ во Полска, каде што биле задушени во гасни комори. Д.Ст.


Софија храбро и чесно да се соочи со сопственото минато

Многумина универзитетски професори и историчари нагласуваат дека Бугарија како држава и општество треба да се соочи со сопственото минато, да ги осуди постапките на претходните бугарски влади и да им се извини на жртвите на холокаустот, особено на македонските Евреи. Проф. д-р Александар Литовски од Институтот за национална историја истакнува дека е очигледно учеството на царска Бугарија во холокаустот. Според него, врз основа на антисемитското и расно законодавство што постоело во фашистичка Бугарија од пред почетокот на Војната и врз основа на спогодбата Белев-Данекер од 22 февруари 1943 година, бугарската окупаторска фашистичка власт и царот Борис Трети, во март 1943 година ги организираа и систематски ги спроведоа собирањето, затворањето и транспортирањето на повеќе од 11.000 Евреи, пред сѐ, од Вардарскиот и Егејскиот дел на Македонија во логорот на смртта „Треблинка“, каде што сите беа физички ликвидирани, вели Литовски.
Меѓутоа, и покрај многубројните документи и сведоштва што го потврдуваат учеството на царска Бугарија во холокаустот, голем број бугарски политичари и општественици се обидуваат да ја релативизираат улогата на Бугарија во овие трагични настани. Во овој контекст се бугарските оправдувања дека териториите биле освоени од германските трупи, а потоа цивилната и воената власт ѝ била предадена на Бугарија. На овој начин, Бугарија се чувствувала зависна од Германија и се однесувала многу построго кон Евреите од овие области. Дека постои тенденција за релативизирањето на бугарското мрачно минато е очигледно и рехабилитирањето на бугарските воени злосторници. Меѓу нив е и Богдан Филов, премиерот на бугарската влада од годините на царска Бугарија, и другите околу него, како на пример делегатот на Комесаријатот за еврејски прашања надлежен за Скопје, Иван Захариев, кој раководел со собирањето на Евреите во Монополот во Скопје и нивната депортацијата кон Треблинка.
Анализирајќи ја оваа тенденција во бугарското општество, проф. д-р Александар Литовски вели дека таа е во согласност со денешната бугарска ревизионистичка и насилничка актуелна политика.
– Затоа можеме да очекуваме да се побара од Македонија да заборави на овој злосторнички антицивилизациски акт врз нејзините некогашни граѓани, во име на „влезот во ЕУ“ и во име на одоброволувањето на актуелната бугарска политичка елита. Или, уште поапсурдно, може да се побара од нас да се самообвиниме за депортацијата на македонските Евреи, па дури и за холокаустот на сите Евреи. Ова воопшто не би било чудно, бидејќи од Македонија упорно се бара да ги признава бугарските лаги за „вистини“, а нашиот министер не сака да биде „адвокат“, што значи дека е подготвен сѐ да признае и да прифати – вели Александар Литовски.