Ден исполнет со судски рочишта беше вчерашниот во Кривичниот суд. Покрај судењата за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Т.Н.Т“, „Транспортер“ и „Тендери“, беше донесена ослободителна пресуда за обвинетите во случајот со тројцата убиени полицајци во Арачиново во 2000 година.
Судот донесе втора ослободителна пресуда за Лирим Динарица, Емрула Емрулаи, Рамиз Асани, Муча Бајрами, обвинети во случајот на тројцата убиени полицајци Кирил Петрушевски, Ацо Ангеловски и Ерол Готак, на влезот во Арачиново во јануари 2000 година. Од натамошен прогон во меѓувреме беа ослободени и обвинетите, сега веќе починати, Башким Асани и Агим Асани.
Судскиот процес за убиството на тројцата полицајци траеше 18 години. На овие жители на Арачиново им се судеше затоа што, според обвинението, ги застрелале полицајците Петрушевски, Ангеловски и Готак.
Тројното убиство се случи на 11 јануари 2000 година, на влезот во Арачиново. Според обвинението, шестемина во доцните часови од заседа ги застрелаа полицајците Петрушевски, Ангеловски и инспекторот Готак, кои на влезот од селото учествувале во акција за пронаоѓање украдени луксузни автомобили. Тројцата полицајци беа изрешетани од автоматско оружје.
Во Кривичниот суд вчера рочиште имаше и за предметот „Тендери“ на СЈО во кој првообвинета е поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска. Беа преслушани пет телефонски разговори во присуство на јавноста. Од разговорите, четири се направени во 2011 година и во нив најчесто разговараат поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, а петтиот разговор е од 2013 меѓу Канческа Милевска и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
Предметот „Тендери“ се однесува на изведување градежни работи на Музејот на македонската борба за државност и самостојност во Скопје. Судењето ќе продолжи на 14 мај со изведување материјални докази.
Рочиштето за предметот „Т.Н.Т“ вчера беше одложено, бидејќи се уште нема одлука за изземање на судиите, побарано од одбраната на обвинетите Никола Груевски, Миле Јанакиески и Тони Трајковски. Новото рочиште за овој предмет е закажано за 4 мај.
Одбраната побара изземање на судечкиот совет, претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев и в.д. претседателот на Апелацискиот суд Лидија Димчевска. По барањата на одбраната одлучува Врховниот суд на РМ. Барањето, како што образложија адвокатите, е поради тоа што специјалната јавна обвинителка Катица Јанева дала изјава на национална телевизија дека има судии кои постапуваат по предмети на СЈО, а биле прислушувани.
Случајот „Т.Н.Т“ се однесува на уривањето на комплексот „Космос“ на бизнисменот и претседател на Партијата за европска иднина (ПЕИ), Фијат Цаноски, во кој се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за траснпорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник на општина Гази Баба Тони Трајковски, градежна инспекторка од Гази Баба и тројца членови на општинската комисија за набавки.
Изземање на судечкиот совет, како и на претседателите на Кривичниот и на Апелацискиот суд побараа и адвокатите во случајот „Транспортер” во кој на поранешниот битолски градоначалник Владимир Талески и на уште 20 лица им се суди за злоупотреба со ученички превоз.
Како што извести Судот, адвокатот Димитар Дангов поднел писмено барање за изземање, 15 минути пред почнување на судскиот процес.
Ова е петти судски процес од обвиненијата на Специјалното јавно обвинителство во кој адвокатите бараат изземање на судиите. Досега е побарано изземање во случаите „Тенк“, „Т.Н.Т“, „Топлик“ и „Титаник“.