Пет регионални гувернери и четворица заменици – министри се сменети во Украина, соопшти денеска Владата во Киев по избивањето на корупцискиот скандал во армијата.
Во врска со скандалот, претходно денеска неколку високи украински функционери објавија дека поднесуваат оставка.
Гувернерите на регионот Днепропетровск, Валентин Резниченко, Запорожје, Олександр Старук, Суми, Дмитри Дивицки и Херсон, Јарослав Јанушевич и на главниот град Киев, Олексиј Кулеба заминуваат од функциите, изјави владиниот претставник Тарас Мелничук.
Неколку медиуми го обвинија Резниченко во ноември дека доделил договори за поправка на патишта во вредност од десетици милиони евра на група основана од негов пријател кој работи како фитнес инструктор.
Според медиумите, Резниченко, како и неговите колеги во регионите Суми, Херсон и Запорожје, се под судска истрага, додека разрешувањето на Кулеба е поврзано со неговата претстојна номинација за влез во претседателската администрација.
Владата ги разреши и заменик – министерот за одбрана Вјачеслав Шапалов, чија оставка веќе беше објавена претходно денеска, Виталиј Музченко од социјална политика и двајцата заменици министри за територијален развој Иван Лукерија и Вјачеслав Негода.
Разрешени се и Анатолиј Иванкевич и Виктор Вишинов, двајцата помошници на шефовите на службата за поморски и речен транспорт на Украина.
Серијата оставки и отпуштања следи по медиумските откритија дека цените биле зголемени во договорот за снабдување со храна на украинската војска, што е првиот корупциски скандал што избувна во Министерството за одбрана од почетокот на војната.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа најави дека во врска со скандалот ќе бидат донесени низа кадровски решенија.