Фото: Собрание

Претседателот на Собранието Талат Џафери нема да го следи примерот на Бугарија и нема намера да свика седница за инцидентите кои влијаат на дипломатските односи на Македонија и Бугарија. На прашањето од новинарите, зошто не го повика Бујар Османи на брифинг за целата ситуација, Џафери одговори дека нема потреба од тоа, бидејќи министерот секогаш доаѓал на комисии и сите одговори во врска со темата може да ги даде таму.

Не сакаше да зборува за најавите за зголемување на владејачкото мнозинство, но рече дека ново парламентарно мнозинство би било добредојдено, иако не со помош на избори.

Иако претходно најавуваше дека седницата за уставните измени треба да се случи на почетокот од годинава, сега тоа го пролонгира за јуни или јули.

Од пратениците кои ја поддржуваат т.н. огнена група на ДУИ, Џафери вели дека на седници не доаѓа само Изет Меџити. Останатите пратеници од ДУИ што се од оваа група, доаѓаат во Собранието. Не сакаше да ја коментира можноста, овие пратеници да се спојат со пратениците од Алтернатива, доколку Алијанса влезе во Владата.

На забелешките на новинарите зошто му се обраќа на Ахмети со „команданте“, иако е претседател на Собрание и повеќе не сме во 2001 –та година, Џафери одговори дека, и да е 2101-та година, пак ќе му се обраќа како што сака.