Драги читатели, денеска ексклузивно објавуваме дел од новиот роман на писателката Славица Дабевска Ќировска со наслов „Срна“. Оваа книга се најде во најтесниот избор за наградата на Друштвото на писателите на Македонија – „Стале Попов“, за најдобро прозно дело издадено минатата година
Од творештвото за млади на писателката Славица Дабевска Ќировска
Божествено изгледаше колоната со волшебни фустани и свечени костуми.
Никогаш не бев видела ваква глетка. Мислев дека ова го има само во книгите. Почнуваше да ми станува јасно од каде доаѓаа идеите.
Како молња ми светна мислата: „Дали моите стигнаа на плоштад?!“
Не знам зошто оваа помисла многу ме вознемири.
– Најмногу погледи мамиме, Срна, погледни го дечкото со белиот качкет, како занесно те следи!
– Во право се Томе!
– Сме си ја грабнале под рака убавицата!
– Касмет!
– Ме насмеавте, другарчиња!
Додека насмевка се разлеваше на моето лице, тие беа сериозни.
– Момци, префинети сте, оттаму и примамливоста!
– Срна, во нас гледаат, за да видат кои се усреќиле покрај вакво девојче!
– Не шегувај се, Никола! – уште погласно се насмеав.
– Каква шега Срна, мртов сериозен сум…!
– Не се шегува Никола, точно ни падна секира во мед! – додаде Томе.
– Забавете ученици, скоро сме на плоштад! – викаше класната.
Толпа луѓе стоеја пред нас. Дуќаните беа затворени. Сѐ беше во знакот да се поздрават матурантите. Силни извици на возбуда се слушаа од сите страни. Немаше кој не е променет и кој не дошол.
– Доаѓааттт!!!
– Ајде, што сте се здрвиле, почнете…!
Им даде знак хармоникашот Симо на своите свирачи.
Се разлеа стара тетовска песна од усните на сите посетители.
Контрабасот со длабокиот пробивен тон им даваше посебен шмек на песните. Не го познавав градов во вакво руво. Гласовите складени до совршенство.
– Боже, како ли се сетија – зачудено зборуваа професорите.
Никогаш ништо посвечено не било. Моето размислување го делеа и другите.
Празник за око и уво е денес во мојот град.
Луѓето се беа поредиле од левата и од десната страна на патеката покрај познатите и прикажани тетовски дуќанџии.
Место оставиле само онолку колку да поминеме. Патеката беше нарочно стеснета за да бидат што поблиску до нас. Ги разбирам, со не трпение го чекаа денешниов ден.
И само што зачекоривме по предвидената одредница, започна громогласен аплауз во наша чест.
Од сите страни се довикуваа жените и делеа комплименти за убавината.
– Марице, погледни го жолтион фустан, како божица е девојчево!
– Ау, погледни го розовиот како ѝ стои, а шеширот е како на принцезите!
– Јелице, внимавај да не ја испуштиме Срна од Самоила, велат дека била како глумица!
Бев речиси до тетка Јелица кога списка од радост штом ме виде:
– Леле, леле се плашев да не те испуштам!
– Кај се пропушта вакво злато!
– Почекајте малку деца – и ни го попречи патот. – Знам, ќе треба да ве чека цела колона, но да те види сестра ми, дојде утрово од Скопје намерно за матурската.
Колку што ја држи сила, тетка Јела замавна со раката…
– Софија, Софија, доаѓај ваму, еве ја Срна!
Се пробиваше во толпата жена со голем кок, воочлив црвен камен и кадифен бисер околу вратот.
Како што приближуваше редеше фалби:
– Боже, Јелице, вистинска самовила е девојчево!
На сите страни почнаа да ме вртат. Се чувствував како кукла кај шивач.
Томе, ми намигна како да сакаше да каже дека знаат што е убаво, а посебно му направи ќеф жената што во градот е позната како чешит.
– Ти реков, убавица! – се навали и ми прошепоти – те сакам! – уште потивко Томе изусти.
Се вцрвив од срам. Почнав да се вртам да видам дали некој слушна. Сосема заборавив на тетките што беа го кренале едниот крај на фустанот и ја разгледуваа чипката.
Ми забрза срцето исто како кога дојдоа да ме земат од дома со Никола. Повторно она чудно чувство.
Мора да признам, срцето ми трепери кога ќе ги впери сините очи на Томе.
Сакав да возвратам на шепотот, но немав храброст.
Го погледнав милно, знаев дека разбра. Маѓепсано гледаше и не трепнуваше.
– Коси твои волшебни!
Како ли можеше, бог да дарува, ваква убавина!? – продолжуваше тетка Софија.
Колоната стоеше во место. Никој не обрнуваше внимание, зошто речиси сите разговараа со познајници.
Само што зачекоривме меѓу групата, стоеја маалски деца и моите роднини. Ми дојде да викнам од среќа.
Ме испратија од дома… да…
Но плоштадот имаше сосема поинакво значење.
Вознемиреноста и немоќта дојде од неизвесноста, ќе дојдат ли моите да ги видат матурантите?
Не сакав да прашувам. Беа презаморни од подготовките за овој ден.
Знаев дека ќе сторат сѐ да се чувствувам среќна.
Децата што беа пред нив подаваа раце да ги дофатат фустаните. Тоа беше посебно доживување. Никој не ги опоменуваше, зашто и тоа имаше своја привлечност.
– Срна, еве сме, дете! – го слушнав гласот на мајка ми.
– Самоил, не дека е наша преубава е…! со насолзени очи од среќа зборуваше.
Го пуштив Томе од рака и пријдов да ги прегрнам. Летав од радост што се дојдени, што се дел од преубавата свечена слика на градот.
Прегратката зборуваше во овие моменти. Имаше што да пренесе и да остави во фиока за иднина.
Традиционално се вртеа три круга на плоштадот за да можат сите да нѐ погледаат, дури и тие што не дошле навреме.
Но, според тоа што можев да го забележам, луѓето многу порано беа дојдени од вообичаено. Се плашеа да не испуштат нешто. При секое завртување на колоната матуранти се слушаа коментари, та малку беа и три круга.
Музиката добиваше сѐ позабрзано темпо. Пејачот ги напнал жилите за да може да се слушне надалеку.
Прекрасни звуци на староградска музика се лееше во квечерината во градот под Шара.
Црвеното, кристално небо заигра по звукот на гитарата. Се пееше од сите страни.
На ширината се танцуваше по ритамот на музиката. Владееја опуштеност и веселост. За момент се заборави на секојдневните грижи и обврски.
Се молев ова да трае и да стане секојдневие.
Извадок од романот,,Срна“
За авторката
Славица Дабевска Ќировска e родена во Тетово. Пишува поезија и проза.
Досега ги има објавени следниве стихозбирки современа поезија: „Булки покрај пругата“ (2011), „Венчаница“(2012), „Душа која грее“(2012), „Само ѕвездите знаат“(2013), како и романите „Зелениот капут“ (2016) и „Срна“ (2022 г.).
Добитничка е на наградите: „Златен печат“ – Велики Поповац, втора награда на меѓународен фестивал во Дервента, БиХ, трета награда на манифестацијата посветена на Црњански во Белград, Србија, трета награда освоила во Велика Плана, Србија, а специјална награда „Сија мајка Ангелина“ во српскиот град Раковица, каде што била и второнаградена. Втора награда освоила и на книжевен фестивал во Пловдив,Бугарија, а прво место во Подгорица, Црна Гора.
Досегашното поетско умеење е претставено на многубројни литературни портали, за што зборуваат голем број дипломи и зборници во кој е застапена.
Целата творечка енергија ја насочува кон создавањето уметнички дела, па покрај пишување се искажува и во музиката и во сликањето. Своето знаење и умеењето го користи и во процесот на воспитување и образование на децата, зашто работи како педагог во образовниот систем во земјава. Членка е на Друштвото на писателите на Македонија.
Живее, работи и твори во Тетово.