Мала група создаде систем што ги презеде државните ресурси

Бугарија

Владеењето на правото останува еден од најголемите предизвици со кои се соочува Бугарија. Ова го соопшти американската амбасадорка во Бугарија, Херо Мустафа, на конференцијата „Владеење на правото и деловното опкружување во Бугарија“. На настанот организиран од Американската стопанска комора во Бугарија присуствуваа и првите дипломати на Италија, Германија и нa Франција, а американската амбасадорка во својот говор изнесе редица сериозни обвинувања за состојбите во Бугарија.
– Многу мала група создаде во Бугарија систем што ја збогати олигархиската класа и ги презеде државните ресурси. Кој не припаѓа на овој систем ја губи надежта. Оние што сакаат да се борат за својата земја се обесхрабрени. Навистина е болно да се види тоа – ја оцени амбасадорката ситуацијата во Бугарија.
Мустафа зборувала на собирот оти често слуша од правосудните кругови како се префрлуваат истрагите и случаите за корупција, за да бидат одложени и затворени само затоа што се приближиле до одредени „црвени линии“.
– На таквите им се ускратува напредокот во кариерата, се префрлаат длабоко на село или се отстрануваат. Не ви кажувам ништо што веќе не го знаете – им се обрати таа на претприемачите и претставниците на медиумите и граѓанските организации во салата.
Американската амбасадорка, која за неколку недели го завршува својот три и полгодишен мандат, исто така рече:
– Лично видовме колку е неверојатно тешко да се реформираат институциите и да се елиминираат длабоко вкоренетите интереси. Дури и додека се подготвував за мојот мандат овде, на состаноците со бугарските претставници пред да дојдам во Бугарија, ми беше кажано „не употребувај го зборот корупција“. Но овде, речиси на секоја средба, разговор, вечера, во разговорот Бугарите неминовно зборуваат за корупција. Бизнисмени, луѓе од граѓанското општество, новинари, обични луѓе ми рекоа дека корупцијата им е проблем. Така, тоа стана приоритет за мене и тоа е приоритет за администрацијата на претседателот Џо Бајден. Сте слушнале безброј приказни за бизниси што биле нападнати од луѓе на власт што ги користат владините институции за малтретирање, изнудување, рекетирање. Слушаме за адвокати со актовки, за заткулисни зделки, за мито. Слушаме за нетранспарентни јавни набавки и набавки од страна на властите, кои се оспоруваат за конкретен кандидат. За фаворизирање во владините договори. Во Бугарија гледаме како корупцијата во голема мера го деформира функционирањето на некои институции и како ги контролира на штета на бугарскиот народ.