Замрзнати се банкарските сметки на телевизијата „РТ Франс“, француската филијала на руската телевизија „Раша тудеј“, суспендирана во Европската унија, посочија денеска синдикатите на таа телевизија.
Француското Министерство за економија појасни дека имотот на телевизијата е замрзнат со примена на најновите европски санкции, а не на иницијатива на француската држава.
– Со таа мерка, речиси сто вработени и околу 50 новинари најверојатно ќе останат без работа – се вели во соопштението на секциите на синдикатот „Форс Увие“ и Унијата на новинари (SJN) од „РТ Франс“ кои истакнаа дека сметките се замрзнати со владина одлука. Тие посочија дека во прашање е доведена француската демократија, кога еден медиум може да биде исклучен без расправа.
Извор од француското министерство за „Франс прес“ изјави дека мерката е дел од последниот пакет европски санкции од декември минатата година. За разлика од првите санкции воведени по почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, санкциите усвоени во декември предвидуваат „замрзнување на имотот“ на засегнатите субјекти, додаде истиот извор.