Фото: Претседателски кабинет

Европските перспективи на двете земји се во насока на градење на силен и стабилен регион, истакнал претседателот Стево Пендаровски на денешната средба со заменик претседавачот на Советот на министри и министерка за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Бисера Турковиќ.

На средбата соговорниците, како што соопшти Кабинетот на Пендаровски, ги потврдиле добрите билатерални односи меѓу двете земји и изразиле подготвеност за натамошно продлабочување на соработката во сите сфери од заемен интерес, особено во областа на економијата.

Пендаровски и Турковиќ размениле мислења за европските интеграции на двете земји, за улогата на Европската Унија во регионот од аспект на актуелната геополитика, и ја посочиле важноста од имплементација на клучните реформски процеси.

Претседателот Пендаровски ја реафирмирал поддршката од нашата држава за европските аспирации на БиХ, а воедно изразил и подготвеност за споделување на искуства во однос на НАТО интегративниот процес, додавајќи дека европските перспективи на двете земји се во насока на градење на силен и стабилен регион.

На средбата претседателот Пендаровски и министерката Турковиќ размениле информации и за предизвиците со кои се соочува регионот од аспект на политичките, економските и безбедносните состојби.