Си седам така безнадежно навален во кујнскиот стол додека ја мезам втората ракија со веќе подисушената краставица, овената од слабиот извоз годинава, и случајно погледнувам наспроти, во календарот. Додека ја отпивам последната четвртина огнена течност, која од памтивек тече во вените на моите предци, случајно откривам дека е 20 декември! Пу, мајката, си велам, зарем тамам почнав да навикнувам да пишувам три двојки со една килава нула меѓу нив, веќе ќе треба да научам да го пишувам бројот на Мајкл Џордан?! И онака тие три двојки, некако досадно доминантни во сиот неред на животот, не ми беа адути. Си велам, па зошто да не, 2023-та не звучи така лошо. Ем е пред престапната година, ем е година по ковидот, ем е нешто не толку симетрично и перфектно како замислата на човекот за сосема неприродниот поим за поимот на реалноста на животот, оти тој е сѐ, само не рационална и симетрична, сосема пропорционална играчка со која можеш секогаш, ама баш секогаш, да си играш без да се изгориш…
И така, го гледам календарот, знаете, оној сосем социјалистички календар кога оние што го правеа мислеа да остават еден месец од идната година за луѓето да си ги поврзат нештата додека го набават следниот календар. А да, заборавив да кажам, ете токму во тоа комуњарско, нели, време невреме, демек, толку сѐ беше лошо што дури и календарите даваа еден месец гратис за да не ти затреба, додека не ја (до)одглумиш веќе изминувачката ни, сосем реална година во која веќе се наоѓаш… Е па, нели, тие комуњарски глупости беа толку глупаво направени за да можеш, всушност, на крајот од едната година барем календарски да си го видиш почетокот на другата. Ама да не должам, иако навистина никогаш не успеав да сфатам зошто, бре, го оставаат тој еден фазла месец, кој, ете, штрчи така на крајот од новиот почеток уште пред да почне. Нејсе, видов што видов, допив што допив, се ќефлендисав што се ќефлендисав, ама, ама пустото, не останав рамнодушен.
Се задумав во една прастара, прапрапрапрастара вистина, речиси аксиома околу непресушната инаетливост на човековата надеж, која, ете, се појавува токму пред нова година. Онаа веќе одглупавена надеж дека по 1 јануари ние ќе бидеме нешто подобро, нешто поубаво, нешто инакво, какво и да е, и како и да се вика тоа што е/ќе/беше поубаво?! И тогаш, тогаш ми притекна на една вечна и необјаснива дилема над дилемите, т.е. што е она што ја одржува надежта секоја Нова година кога веќе многу нови години, кои сега се веќе стари, ние добиваме eден ист одговор – дека ништо суштински нема да се смени правопропорционално со големината на надежта што си ја создаваме секој 1 јануари!
Надежта спаѓа во динамичните аспекти на личноста, таа е мотивациска појава, т.е. се наоѓа во доменот на сето она што ја придвижува личноста кон активност, дејствување. Како таква таа носи мотивациска компонента и е неопходна за придвижување на силите на егото кон нешто, што и да значи тоа. Народски погледнато, надежта претставува некакво необјасниво верување во некаков добар исход за која било работа или појава. Но со надежта постои еден специфичен и доста комплексен и мултидимензионален проблем. Имено, таа само навидум го динамизира човековото однесување, т.е. таа е една општа сила што го поттикнува мотивациското во нас, ама притоа не се однесува на некоја конкретна цел, т.е. дури и кога се однесува на една таква цел, таа, надежта не претставува конкретен одговор, план, идеја, стремеж и патека кон истата таа!
Што сакам да кажам со ова?! Сакам да посочам дека надежта се доживува како една општа придвижувачка сила, но за разлика од потребата или внатрешниот мотив, таа повеќе се поврзува со причини и/или појави што се од надворешна мотивациска природа: околностите, судбината, бог, другите луѓе, среќата и сл. Тоа значи дека оттаму и произлегува нејзиното доживување како нешто што се чека! Нешто што треба да се случи! Нешто што треба да се појави, збидне итн. Кога човекот вели „имам надеж во тоа и тоа“, тој чувствува една нејаснотија што треба да се направи околу тоа прашање, т.е. надежта ги зголемува емоционалната добросостојба и севкупната субјективна добросостојба во мигот, ама на долг рок не дава никакви насоки како да се досегне тоа што се очекува! Да, тука лежи сета магија на надежта, а во исто време и нејзината мала прагматична вредност. Надежта ги подгрева очекувањата бидејќи се доживува и развива во една копнежлива, романтичарска појава, емоција, интуиција или како сакате веќе, во која емоционално се ужива, а во практиката може и да се страда. Имено, мотивациската сила на надежта опаѓа правопропорционално со поминувањето на времето, т.е. како минува времето, т.е. се зголемува во квантитет, така надежта опаѓа и останува сѐ повеќе една далечна илузија дека еден ден, некаде, на некаков начин, ете, сепак постои надеж дека нешто ќе се промени.
Токму оттаму и кованицата „надежта последна умира“. Токму таа општоприфатена вистина за надежта зборува за нејзиното тивко но сигурно изумирање со текот на времето. Тоа може уште да се преведе и како – кога ништо друго не останува, надежта сѐ уште постои, т.е. и кога немаме никакви реалистични изгледи за нештата, вербата во чудовишната судбинска разврска на многу посакуваното нешто сѐ уште живее како сега веќе едно далечно романтично верување од едно време кога тоа (верувањето) имаше голема сила и мотивациска моќ.
Ова никако не значи дека треба да ја убиваме надежта, да се плашиме од неа и сл., туку само да бидеме свесни дека со самото нејзино постоење како нешто само по себе, нашиот живот нема да се промени доколку надежта не ја престориме во сосема реален план, акција, стремеж за нештата што се викаат живот! Е, сега, се поставува погоре начнатото прашање, зошто токму за време на големите празници се зголемуваат и нејзината сила и присуство. Одговорот веќе ни е пред носот. Имено, самиот факт дека големите празници, кои низ историјата се сметаат за нови почетоци или повторни почетоци на исти циклуси (нова година, религиозни празници што значат нови симболички раѓања, национални празници што низ историјата значат уште една година во постоењето на државност, континуитет итн.), носи со себеси големи очекувања и ветувања, а со самото тоа расте и нивото на надеж и, така да кажам, подрадуваност. Знаете и самите дека народецот многу лесно се подлажува токму со истите ветувања, кои колку што повеќе се повторуваат, толку повеќе се заборава нивното (не)остварување, а со самото тоа расте и надежта, како што остварливоста станува сѐ подалечна. Ете, тоа е една форма на објаснение на овој изразен психолошки и социјален феномен на денешницата.
На крајот, не губи ја надежта дека не надевајќи се премногу, еден ден ќе се разбудиш во постелата на новото неочекувано инакво постоење!
Мирослав Пендароски
Авторoт e универзитетски професор и психолог