Фото: Твитер/Официјален профил на рускиот претседател

Генерал Валериј Герасимов беше назначен за нов командант на руските здружени сили во „специјалната воена операција во Украина“, менувајќи го генералот Сергеј Суровкин, кој пред три месеци беше поставен на највисоката командна позиција на самото бојно поле. Наведено е дека Суровикин ќе остане заменик на Герасимов, а истовремено генерал-полковник Александар Лапин е именуван за началник на Главниот штаб на руските копнени сили.

Западните безбедносни аналитичари, како и руските воени ветерани кои ја поддржуваат специјалната воена операција во Украина, се скептични дека промените ќе резултираат со тактики што ќе ја сменат состојбата на војната или пак ќе донесат нов замав во руската воена кампања, објави „Политико“.

Познавачите на состојбите ја гледаат промената како политичка одлука и знак за поделени мислења во Кремљ, истакнувајќи дека Руското министерство за одбрана на овој начин се обидува да ја зацрсти контролата и да го сузбие зголеменото влијание на Евгениј Пригожин, основачот и сопственик на паравоената група „Вагнер“.

– Пригожин и чеченскиот лидер Рамзан Кадиров долго време се залагаа за реструктурирање на врвот на воената команда. Путин избра да се справи со внатрешната борба за моќ што ја оптоварува армијата, преку промоција на Герасимов и Лапин, а деградирање на Суровикин – наведува „Политико“.

Аналитичарот на американскиот безбедносен тинк-тенк „Институтот за истражување на надворешна политика“, Роб Ли, забележува дека Пригожин имал пофални зборови за Суровикин, а истакнува и дека промените можеби делумно претставуваат одговор на зголеменото влијание и улога на „Вагнер“ во војната.

Руското министерство за одбрана соопшти дека промените се должат на „зголемување на нивото на водство во специјалната воена операција“ и дека биле потребни за засилување на ефективноста на армијата.

Герасимов се смета за поборник на хибридното војување и е авто на доктрината именувана по него, која бара комбинирање на воени, технолошки, информациски, дипломатски, економски, културолошки и други тактики за постигнување на воените цели. Во мај имаше непотврдени информации дека бил ранет на при посета на фронтот, но украинските власти ги отфрлија овие барања, велејќи дека тој ја напуштил позицијата пред да биде нападната.

Се смета дека иднината на Герасимов на функцијата ќе зависи од исходот на војната бидејќи тој се вбројува меѓу оние што го советувале Путин да ја отпочне специјалната воена операција, според Марк Галеоти кој е експерт за руската армија.

Руските и украинските сили моментно се вклучени во интензивни борби околу градот Соледар во источна Украина, што би можело да биде пресвртница во обидот на Москва за заземање на целиот регион Донбас.