Берлин инсистира на воспоставување противвоздушен ракетен штит на ЕУ - „Европски небески штит“

Германија прави обиди за развој на единствен противвоздушен систем на ЕУ, кој би бил под нејзино раководство во рамките на НАТО. Во него би биле вклучени европските земји-членки на НАТО и ЕУ, а Германија така индиректно би добила поголема улога во европската одбранбена политика и во рамките на европската компонента на НАТО

Германија се обидува да развие заеднички систем за противвоздушна одбрана на ЕУ

Доколку Германија успее да го развие интегрираниот систем за противвоздушна одбрана „Европски небески штит“, ќе обезбеди нови работни места во својата воена индустрија. Костур на европската противвоздушна одбрана би биле ракетните системи ИРИС-Т, чиј производител е германската компанија „Дил дифенс“, како и американскиот ракетен систем „патриот’, кој исто така ќе се произведува во Германија.
Доколку се реализира тоа, германскиот воено-индустриски комплекс ќе има голема корист, бидејќи по долгогодишно одржување на американските ракетни системи „патриот“, Бундесверот сега ќе го преземе и производството на најновите верзии на „патриот“, како и компонентите на системот за откривање цели и стрелбено управување. Ракетниот систем „патриот“ што би се произведувал во германските фабрики би требало да стане столб на европскиот систем за противвоздушна одбрана. Во новиот интегриран систем што би бил изграден под германско раководство би биле вклучени и ракетните системи ИРИС-Т од европско производство, под водство на германската „Дил дифенс“.

Полска паралелно развива свој систем, наречен ВИСЛА

Додека Германија се обидува да развие единствен европски систем, Полска го развива сопствениот систем, наречен ВИСЛА, кој беше лансиран во април 2018 година, чија ударна сила е исто така американскиот „патриот“, во конфигурацијата ПАК 3+. Полска веќе имаше нарачано од САД два ракетни лансери „патриот“, но по руската агресија на Украина, во мај таа склучи договор за дополнителни шест. Со оглед на тоа дека ВИСЛА сè уште не е во функција, по инцидентот со падот и експлозијата на ракета во полско село на границата со Украина, Германија понуди решение за расчекорот меѓу потребите и можностите на полската противвоздушна одбрана, кое вклучуваше распоредување на нејзиниот ракетен систем „патриот“ на територијата на Полска.
Но Варшава ја одби таа понуда, упатувајќи ја Германија да ги распореди ракетите „патриот“ на територијата на Украина, бидејќи така Германците истовремено би ги штителе и Полска и западна Украина, нешто што Берлин, се разбира, не сакаше да го направи.
Во меѓувреме, најверојатно во договор со својот клучен партнер САД, Полска ја промени одлуката и се согласи на распоредување на германските системи „патриот“ на сопствената територија.
Тоа го задоволи Берлин, затоа што ја реши непријатната ситуација, во која упорно одбиваше да распоредува свои одбранбени системи во Украина, а од друга страна, преку инсталирањето на сопствената противвоздушна одбрана во Полска, Германија ќе ги зголеми шансите за вклучување на Варшава во системот за противвоздушна одбрана на ЕУ под германско водство.
Одлуката за распоредување германски противвоздушни ракетни системи „патриот“ во Полска кон средината на декември ја потврдија министрите за одбрана на овие две држави. Останаа да се договорат само уште деталите. Па, така, по Словачка, германските единици за противвоздушна одбрана, вооружени со ракетите „патриот“, ќе бидат распоредени во уште една земја-членка на Унијата. Тоа е во согласност со настојувањето на Берлин под негово водство да се воспостави противвоздушниот ракетен штит на ЕУ, насловен како „Европски небески штит“ (ЕССИ). Полска досега одбиваше да учествува во овој проект, бидејќи имаше во план својата идна противвоздушна одбрана да ја гради во тесна соработка со САД.

Полска со помош на Вашингтон настојува да создаде најмоќни копнени сили во Европа

Противвоздушната одбрана е само дел од квалитативното и квантитативното јакнење на полската војска, кое се спроведува во тесна соработка со САД. Според полскиот министер за одбрана Мариус Блашчак, Полска со помош на Вашингтон настојува да создаде најмоќни копнени сили во Европа. Од друга страна, американските власти отворено изјавуваат дека Полска станала нивниот најважен партнер во континентална Европа. Неодамна Варшава најави дека ќе го зголеми воениот буџет од 2,4 отсто од БДП најпрвин на 3, а потоа на 5 отсто. Полска уште сега има повеќе тенкови и артилериско оружје од Германија, а го зголемува и бројот на војници. Во моментов има 150.000, но планот е до 2035 година бројноста на вооружените сили да се зголеми и да се достигне бројка од 300.000 војници.
Во почетокот на годинава, Полска потпиша договор со САД за купување 250 тенка „абрамс“, во вкупна вредност од 4,9 милијарди евра. Во 2020 година, Варшава договори со Вашингтон купување на 32 американски борбени авиони „Ф-35 лајтнинг 2“, во вредност од 4,6 милијарди долари. Во меѓувреме, сакајќи да ги избегне долгите листи на чекање кај американските и европските производители, таа од Јужна Кореја нарача испорака на тенкови, хаубици и ракетни фрлачи за сума од 10 до 12 милијарди долари.
Со распоредувањето германски ракетни системи „патриот“ на територијата на Полска, Германија ги зголемува шансите за влез во амбициозниот и потенцијално профитабилен полски проект за масовен развој на вооружените сили и можноста – ако не формално, тогаш барем фактички – да ја интегрира Полска во европскиот противвоздушен штит ЕССИ. Инаку, Полска е единствената држава од источното крило на НАТО што не учествува во иницијативата ЕССИ, чија реализација треба да се одвива под германско водство.
Во целата ситуација, на Берлин му оди во прилог и фактот што Варшава не можеше да го занемари – германските батерии на ракетите „патриот“ што ќе бидат распоредени во Полска претставуваат елемент на системот на противвоздушната одбрана на НАТО.

Доколку Германија успее да го развие противвоздушниот „Европски небески штит“, таа ќе обезбеди многу нови работни места во својата индустрија

Во моментов тие им се доделуваат на силите на НАТО за брз одговор (т.н. НРФ) или на Заедничките сили со највисока подготвеност (т.н. ВЈТФ). Имено, следната година ВЈТФ ќе бидат под команда на Бундесверот. Доколку Германија успее да го развие интегрираниот систем за противвоздушна одбрана „Европски небески штит“, ќе обезбеди нови работни места во својата воена индустрија. Костур на европската противвоздушна одбрана би биле ракетните системи ИРИС-Т, чиј производител е германската компанија „Дил дифенс“, со седиште во Уберлинген, како и американскиот ракетен систем „патриот“, кој исто така ќе се произведува во Германија.
Неодамна американскиот концерн „Рејтион“ склучи договор со германскиот производител на проектили МБДА, за производство на овие проектили во Германија. Досега фабриката МБДА беше ограничена само на одржување на системот „патриот“, но сега, според договорот со „Рејтион“, таа ќе биде и негов лиценциран производител. На тој начин, МБДА ќе испорачува „патриот“ не само за Бундесверот туку и за другите вооружени сили на земјите-членки на ЕУ, кои – под водство на Германија – ќе учествуваат во ЕССИ.

Подготвил: Mарјан Велевски