Голем дел од илегално откопаните предмети се продаваат низ светот, а надежта дека тие ќе се вратат во земјава, практично, е еднаква на нула / Фото: Игор Бансколиев

Граѓани што се во потрага по „скриени богатства“ одат на локации во близината на археолошките наоѓалишта и локалитети што сѐ уште не се доистражени, копаат во близината на стари цркви, манастири, стари гробишта и други локации, а таму најчесто бараат златни монети и други златни предмети

Сѐ повеќе диви копачи бараат скриени богатства и злато и сѐ поголеми се и штетите што му ги прават на културното наследство

Не е мал бројот на граѓани со авантуристички дух што посакуваат да тргнат на пат на кој ќе истражуваат и ќе откриваат скриени богатства што ќе ги направат милионери. Нешто слично на оние авантуристички филмови во кои главната улога ја имаа Харисон Форд или Николас Кејџ, а во кои успешно откриваа непроценливо културно-историско богатство што им носи слава и пари. Сепак, во реалноста тоа не функционира токму така. Таквите активности и дела не само што се нелегални туку и може да ве направат криминалец што го уништува националното богатство на земјата каде што тоа е откриено.

Диви копачи уништувачи на македонското културно наследство

Авантуристичките филмови се само филмови наменети да го анимираат гледачот. А во стварноста, ископувањето и потрагата по скриени богатства за богатење од нив се нелегални и за тоа следуваат затворски казни речиси во секоја држава. Таквите дела се непоправлива штета за културно-историското богатство на секоја земја, а продажбата или уништувањето на пронајдоците при ископување се третираат како своевидно национално предавство.
Иако е мала земја, Македонија е преполна со митови за закопани скриени богатства. Некои велат дека планините околу Кичево се полни со закопани богатства од минатото, но дека тие мистериозни локалитети се вешто сокриени и непристапни за човечка нога. Други велат дека на југот, околу Гевгелија, треба само да се „копне“ и богатството ќе се појави. Трети имаат „сигурни“ мапи за пределите во Кумановско и Кратовско…
Таквите места секогаш се поврзани со одредена мистерија, која ви ги буди пеперутките во желудникот и барем малку ве копка да си ја пробате среќата. Но сето тоа е само лов во матно, со кој многу се ризикува.
Дека Македонија има проблем со ископувачи на скриени богатства потврдуваат и од Министерството за внатрешни работи, од каде што велат дека граѓаните што се во потрага по „скриени богатства“ најчесто одат на локации во близината на стари цркви, манастири, стари гробишта и други локации, а таму најчесто бараат златни монети и други златни предмети.
– На тие места граѓаните вршат незаконски археолошки истражувања и ископувања, без дозвола од надлежен орган, за што користат детектори за метал и рачен алат за копање. Таквите диви копачи ги откриваме врз основа на превенција и со употреба на полициски методи и тактики. Во зависност од ситуацијата во која се затекнати лицата и ископаните предмети, копачите се гонат поради постоење на основи на сомнение за следните кривични дела: „прикривање“ по членот 261 и „оштетување или уништување добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ по членот 266 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија. Кога станува збор за скриено богатство, најчесто се бараат златни предмети и монети од злато, сребро и бронза – информираат од МВР.

Диви копања по нарачка

Според нашиот соговорник археолог, кој поради сензитивноста на темата сакаше да остане анонимен, таквите предмети се крадат затоа што на аукциите носат големи профити. Вообичаено, се крадат по нарачка од лица што илегално имаат антикварници и колекционери, а кражбите се реализираат во цркви и манастири и локалитети, во делови каде што нема голема фреквенција на луѓе – најчесто во планински предели и во села, и тоа во вечерните часови.
– Оние кражби што се реализираат на пример од археолошки локалитети се нешто невидено, тоа е вистинско злосторство, за најостра осуда и казна. Крадците не користат соодветен алат, не знаат ништо за локалитетите ниту за предметите, само копаат, удираат со копачите, оштетувајќи ги непоправливо античките предмети. Тоа се кревки предмети, кои „преживеале“ илјадници години, не може некој со копач и лопата да ги ископува. Тоа е недозволиво. На тој начин тој предмет ниту може да се репарира, ниту да се залепи, па овие диви копачи прават непоправлива штета. Ем тие останале без ветените пари, ем за нас големо разочарување и повеќе работа – вели археологот.
Голем дел вака откриени предмети се продаваат низ светот, некои на музеи, а некои завршуваат и во приватни колекции, но севкупно надежта дека тие ќе се вратат во земјава, практично, е еднаква на нула.

Случаи во низа со нелегален „бизнис со артефакти“

Сѐ уште се свежи сеќавањата и на 2020 година, кога во земјава беше евидентиран поголем случај, во кој против осум лица беше поднесено обвинение затоа што во текот на 2017 и 2018 година вршеле недозволени археолошки истражувања и ископувања на археолошки локалитети и локалитети со природни реткости на територијата на Македонија. Така пронајдените добра неовластено ги присвојувале и прикривале, а потоа неовластено им ги продавале на купувачи во земјава и во странство.
Според судските акти, тие вршеле недозволени археолошки истражувања на археолошки локалитети и локалитети со природни реткости на територијата на Македонија. Меѓусебно разменувале сознанија за позиционираноста на одредени археолошки локалитети и локалитети што содржат природни реткости и по пронаоѓање на истите тие, со неовластена употреба на детектори за метал и сонди, вршеле недозволени пребарувања. Со употреба на погодни алати, недозволено ги ископувале археолошките локалитети и локалитетите што содржат природни реткости, а пронајдените добра под привремена заштита, културни наследства и природни реткости со непроценлива вредност, сопственост на Македонија, неовластено ги присвојувале. Потоа, откриените предмети ги прикривале на безбедни непознати локации и во домовите, сѐ до пронаоѓањето неовластени купувачи. Откако ќе биле пронајдени купувачите од земјата и од странство, обвинетите неовластено им ги продавале овие значајни добра сопственост на државата. Купувачите добрата под привремена заштита, односно културно наследство и природните реткости со непроценлива вредност ги изнесувале надвор од државата, во странство, и со тоа трајно ги отуѓиле на штета на државата.
Карактеристично за овие групи е тоа што, освен што недозволено користат детектори за метал, сонди и други погодни алатки за скенирање длабочина на територијата што е цел на ископ, со себе недозволено држат и оружје, пишуваше во судските списи.


Најлесна цел за криминалците – македонските цркви и манастири

Македонија, како земја со богато културно-историско наследство што им припаѓа на црквите и манастирите, е пример за тоа дека токму овие верски објекти се честа цел на крадците, кои од нив крадат икони и други златни црковни предмети. Голем дел икони што се направени пред стотици години и за кои некои колекционери би дале неброени пари само да ги имаат во својата колекција, се продаваат на црниот пазар на Балканот, па и во светот.
Според познавачите, за жал, од некои цркви се украдени и цели иконостаси, а сторителите точно знаеле кон кои икони треба да целат. Украдени се токму оние што биле со непроценлива историска и културна вредност, како за земјата така и за верниците. Иконостасите и иконите немилосрдно се изнесувале од земјава, криминалците постапувале крајно нестручно со нив, па поради тоа некои од нив се и оштетени од несоодветниот третман.
На интернет-страницата на Министерството за внатрешни работи, во делот за изгубено културно наследство, се бараат иконите „Воскресение на Лазар“, „Крунисување на Богородица“, „Свети Јован Богослов“, „Богородица со дете и светци“, неколку златни обетки, „Слегување во пеколот“, „Неколку светци“, „Исус Христос“, „Свети Никола 3“, дијадема, „Распнување“, „Исус со книга“ и уште десетина други икони и вредни предмети за кои е утврдено дека се во сопственост на Македонија, а кои, според познавачите, најверојатно се украдени и штом ќесе најдат треба да бидат вратени во нашата земја.
Во ноември минатата година беше соопштено дека 20 икони што насилно и незаконски биле одземени од црквите во земјава се вратија од соседна Албанија, каде што шверцерите со културно наследство биле фатени или, пак, иконите биле откриени, односно лоцирани и пронајдени на други начини.
Некои од иконите беа пронајдени кај колекционерот од Корча, Ѓерг Тимио, кај кого беа пронајдени најголем бој икони. Тој во 2013-2014 година, кога се реализираше акцијата на албанската полиција „Икона“, тврдеше дека е наместен и дека полицијата без записник му одзела повеќе од 3.000 икони од наводно негова приватна колекција.
И воопшто не е важен начинот на кој тие се откриени, важно е дека вредните артефакти, икони и фрески повторно ќе се вратат онаму каде што припаѓаат и ќе сведочат за вистината и за едни изминати времиња. Секако, црквите и верниците ќе можат повторно да се воодушевуваат на нивната убавина, а и на нивната чудотворна моќ.