Фото: Игор Бансколиев

Националната безбедност, која многу често се поистоветува со државната безбедност, подразбира да се заштитуваат вредностите на државата (територијалниот интегритет и суверенитет, односно уставниот поредок), како и интересите на луѓето, поточно заштитата на нивните животи, мирот и сигурноста. Процените на аналитичарите се дека безбедносните закани не само што ќе постојат и натаму туку ќе добиваат и нови форми

Анализа Предлог-решенија за предизвиците во доменот на безбедноста (4)

Безбедноста на државата и граѓаните мора да биде клучен приоритет на надлежните во текот на 2023 година, особено ако се има предвид дека последните месеци од минатата година земјава беше соочена со голем број закани за поставени бомби во повеќе средни училишта, но и трговски центри, автобуски станици, станбени објекти и други јавни места, што го наруши нормалното функционирање на државата, предизвикувајќи страв и паника кај граѓаните.
Прашањето за безбедноста претставува едно од егзистенцијалните прашања на секој субјект, сфатено како индивидуа или како колективитет. Природна цел е да се оствари состојба на заштита од закани, предизвикани од природни или општествени флуктуации, односно да се постигне ситуација во која граѓаните нема да бидат загрижени поради такви закани.
Националната безбедност, која многу често се поистоветува со државната безбедност, подразбира да се заштитуваат вредностите на државата (територијалниот интегритет и суверенитет, односно уставниот поредок), како и интересите на луѓето, поточно заштитата на нивните животи, мирот и сигурноста.

Бомбашките закани да се откријат и неутрализираат

Постојаните закани со бомби имаат јасна цел, да се предизвикаат страв и паника, како и чувство на несигурност меѓу граѓаните. Надлежните не успеаја да лоцираат од каде доаѓаат заканите, а дефиницијата се сведе на наративот дека станува збор за хибридни закани.
Факт е дека Македонија, во светлото на војната во Украина, се соочува со нов тип закани со кои не се соочувала досега, па затоа исклучително е важно да се забрза обуката од страна на нашите НАТО-партнери на многу повеќе тимови во земјава што ќе можат да ги откриваат и спречуваат ваквите хибридни закани. Неспорно е дека вакви тимови постојат во Македонија, но светските трендови се дека во иднина многу повеќе ќе се водат хибридни војни и затоа обуките и бројноста на овие тимови мора постојано да се зголемуваат.
На тоа треба да се додадат и разузнавачките служби, кои треба да се пополнат со високостручни кадри од областа на безбедноста и кои ќе можат навреме да ги пресретнуваат и препознаваат ваквите закани.
– Ако постои развиена мрежа на разузнавачи што знаат што прават, тие веднаш ќе ги откријат заканите и центрите од каде што доаѓаат. За жал, ние немаме таква ефикасна разузнавачка мрежа и ни се случува слободно да поминат многу работи што требало да се спречат – вели армискиот генерал во пензија Митре Арсовски.
Според него, целта на тероризмот и на ваквите хибридни закани е да се внесе страв меѓу населението за полесно да се остварат некои други цели, па затоа препорачува навремено да се реагира за ситуацијата да не излезе од контрола.

Јакнење на безбедносните институции

Од исклучителна важност за безбедноста на државата и на граѓаните е во следниот период да почне процес на јакнење на институциите чија надлежност е безбедноста. Тоа подразбира нивно департизирање и пополнување со професионален и добро обучен кадар што ќе може соодветно да одговори на современите безбедносни предизвици.
Тука многу повеќе простор треба да ѝ се посвети на засилената обука на македонски тимови од страна на стратегиските партнери САД и Турција, кои имаат огромни искуства на безбедносен план и кои дел од овие искуства можат да пренесат врз безбедносните кадри во македонската полиција и војска. Тоа веќе се прави со години, но потребно е интензивирање на ваквите обуки во согласност со новите закани што постојано се појавуваат.
Само добро обучени и професионални кадри можат да го подигнат нивото на домашните безбедносни институции, кои впрочем се единствените што треба да се справат со безбедносните закани дома.
Безбедносните експерти сметаат дека домашните институции мора да се зајакнат за да реагираат на секакви закани, па и на овие што ни се случуваат сега.
– Мора да ги подготвиме институциите максимално за да немаме поголеми последици – порачува Злате Димовски, експерт и професор на Факултетот за безбедност.
Универзитетскиот професор по безбедност Методи Хаџи-Јанев се согласува дека домашните институции се тие што треба да преземат повеќе активности за да се спречи заканата.
– Мораме да бидеме коректни и да кажеме дека забелешките дека институциите не направиле доволно се во ред. Неминовен е фактот дека тие (институциите) треба да работат на поголема будност, но и на градење на капацитетите – вели Хаџи-Јанев, додавајќи дека државата мора активно да вложува во градење добар систем за заштита од кибернетички напади.
Кога се зборува за силни институции, тоа треба да подразбира и засилена контрола и проверка кога им се издаваат македонски државјанства на странски државјани, за да се избегнат случаи на издавање пасоши на криминалци и лица на црната листа на САД и од потерниците на Интерпол. Внатрешната контрола треба да ја засили својата работа и да ги открие сите оние што ја користат службената положба за да издадат вакви државјанства за одреден материјален надомест, но повисоките државни контролни механизми треба да откријат дали зад сето ова се крие и поголема криминална мрежа.

Ефикасна контрола на границите

Безбедноста на државата зависи и од добрата контрола на границите, а тоа исто така треба да биде меѓу приоритетите на безбедносен план и во оваа претстојна година. Ратификувањето на договорот меѓу Македонија и ЕУ за оперативните активности спроведени од страна на Фронтекс, агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража во земјава, ќе овозможи засилена контрола на јужната граница, од каде што во најголем дел постои опасност од навлегување на мигранти, при што не е исклучено меѓу нив да има и инфилтрирани терористи.
Тоа ќе овозможи подобра заштита на границите, брзо распоредување на персонал и опрема на Фронтекс или на странски полициски службеници на критични точки на границите, а во случаи на ненадејно и брзо влошување на состојбата се обезбедуваат можности за сигурна и континуирана размена на информации и податоци, вклучувајќи оперативни сознанија, разузнавачки податоци, продукти од видео и воздушен надзор, сателитски снимки и слично.
Сето ова е од голема важност за безбедноста на границите на државата, но истовремено претставува и добра можност македонските погранични служби да учат од европските практики за обезбедување на границите.
Потребно е во следниот период да се надградат системите за гранична контрола, што ќе овозможи навремено лоцирање лица барани со потерници, за да се спречи навреме нивен влез или излез од државата.

Други безбедносни предизвици

Покрај тоа, особено е важно во следниот период полицијата да ги засили и внатрешните контроли на маршрутите на кои постојано се случува шверц на мигранти, но и на дрога и оружје. Постојат повеќе реони во земјава што се познати како центри во кои има илјадници парчиња нелегално оружје, така што полицијата треба да преземе соодветни активности да го собере тоа оружје и да ја намали опасноста од оружени пресметки и инциденти.
А такви инциденти имаше во неколку наврати кога шумската полиција беше нападната од вооружени групи што заштитуваа дрвокрадци. Затоа е потребно и остручување и подобро екипирање на шумската полиција, која ќе може да се справи со вооружените банди што ги пустошат македонските шуми.
Годинава треба да е предизвик и поефикасната борба со трговијата со дрога. Во акциите во земјава за заплена на дрога во неколку наврати беше вклучена и американската ДЕА, што говори дека соработката со стратегискиот партнер САД на ова поле функционира на одлично ниво, иако дополнителното надградување на ваквата соработка никогаш не е одвишок.
Ова се само сет препораки што треба да се преземат за да се подигне нивото на безбедност во државата, а граѓаните да почувствуваат поголема сигурност и доверба во системот.


Македонија на 108-то место во светот по воена моќ

Македонија оваа година се најде на 108-то место во светот по воена моќ меѓу 145 светски сили, покажа новиот извештај на американската интернет-страница Глобал фајарпауер.
Од земјите во регионот, зад нас се Црна Гора на 128-то место, БиХ на 133-то место и Косово на 134-то место на листата. Албанија се најде на 91-то место, додека Бугарија на 59-то предничи пред Хрватска и Словенија, но е веднаш зад Србија, која е на 58-то место, како најголема сила во Западен Балкан. Грција се искачи на 30-то место на ова рангирање.
За да се одреди воената моќ на една земја, биле разгледувани над 60 фактори, што значи не само бројот на војска и воена опрема туку и финансиите на земјата, логистичките способности, географијата и многу други нешта.
Во однос на претходните години, трендот на воена моќ во Македонија се зголемува, па, така, земјава напредна цели 27 места на истиот список споредено со лани.