Заштита на културното наследство низ конкретен и реализиран проект на Министерството за култура

Своја улога како еден од фундаментите вградени во националните вредности и дискурс што треба да биде лајтмотив на државните политики имаат и сите институти, било да станува збор за историја, јазик, фолклор, здравје, економија, земјоделство и многу други области. Голем број професори во рамките на овие институти работеле во интерес на македонската кауза, промовирајќи ги македонскиот идентитет, јазик, историја, култура, наука во светски рамки. Најсвеж е примерот со Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ каде што непосредно пред крајот на минатата година беше промовирана реализацијата на еден исклучително важен проект.
Имено, станува збор за проектот за дигитализација на картотеките на институтот, што значи дека ракописите што содржат дијалектолошки и ономастички материјал на македонскиот јазик собиран со децении на терен се дигитализирани и сместени во институтот, зачувани од оштетување и уништување. Дигитализирани се 12 збирки, од кои излегле околу 4,5 милиони страници. Збирките се дигитализирани на микрофилмови, сместени во куфери, кои штитат од вода, прав и од пожар, и кои ќе овозможат заштита без разлика на просторот каде се чуваат. Тоа значи дека драгоцените ракописи веќе нема да се чуваат на несоодветно место, во кутии и во плакари. Вработените и научниците нема да имаат потреба рачно да ги прелистуваат картотеките, туку ќе ги симнуваат од компјутерски фолдери.
Станува збор за проект на Министерството за култура и Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), кој го изработи компанијата „Инбокс“. Дваесетина вработени од фирмата, која постои од 2011 како иновативен модел за архивирање и управување со физички и електронски документи, точно една година внимателно и со високо ниво на безбедност работеа на скенирање и архивирање на ракописите каде што е содржан целиот дијалектолошки и ономастички материјал на македонскиот јазик собиран со децении на терен.
Проектот почна лани, кога го најави тогашната министерка за култура Ирена Стефоска, и по точно една година од преземањето на првите документи на 30 декември 2021, вратени се во дигитална форма на 29 декември 2022 година.