Со новиот концепт на даночна реформа се воведува праведен, ефикасен и модерен даночен систем кој овозможува стабилни приходи, економски раст и подобри услуги за граѓаните. Премиерот потенцираше дека за новиот концепт се водеше консултација со Стопанските комори и сите засегнати страни, истакна денеска премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на пратенички прашања.
– Ќе повторам дека со новата даночна реформа не се предвидуваат нови даноци, не се предвидува зголемување на даноците, односно данокот на личен доход останува со една стапка од 10 проценти, се укинува прогресивното оданочување кое требаше да стапи на сила од 1 јануари 2023 година, данокот на добивка останува 10 проценти и не се зголемува, данокот на додадена вредност останува 18 проценти и не се зголемува. Каматите на депозитите и штедните влогови, иако решението требаше да стапи на 1 јануари 2023 година нема да се оданочуваат. Оваа нова даночна реформа претставува ревидирање на даночните ослободувања, проширување на даночната основа и крајно сузбивање на неформалната економија со што секој ќе го плати својот фер дел во буџетот и притоа ќе се намали предноста што некои ја имаат заради даночните ослободувања и нееднаквиот третман на либералниот пазар – рече Ковачевски.
Претседателот на Владата, во однос на иницијативата за воведување на данок за екстра профит, истакна дека постои ваква иницијатива која се разгледува низ инклузивен и консултативен процес со повеќе засегнати страни.
– Постои иницијатива за данок на екстра профит кој во различни држави носи различно име. Може и кај нас ќе има друго име. Во Хрватска се нарекува солидарен придонес од страна на компаниите кои остваруваат екстра профити. Сметаме дека воведувањето на ваков данок може да биде во прилог на државата во време на криза. Овој данок не е непознат и не е ништо ново и таков данок имаат воведено и други земји. Јас сум бил сведок на воведување на вакви даноци во други држави кога сум работел во време на светската финансиска криза кога и во Унгарија се воведуваше ваков данок – рече Ковачевски.
Премиерот истакна дека со неговата имплементација би се оданочувал екстра профитот, заради тоа што во време на криза различни компании од разни индустрии како резултат на инфлацијата, на растот на цените остварија екстра профит и сметаме дека тој профит треба да се оданочи.
За оваа иницијатива веќе се разговара со Стопанската комора затоа што сметаме дека ова е важен процес во кој треба да бидат вклучени сите на кои се однесува. Се води дискусијата за нов вонреден данок на екстра добивка по примерот на европските земји.
– Доколку се одлучи да се воведе вонредниот данок би се однесувал на компании што имаат над 10 милиони евра приходи на годишно ниво. Тоа е приход кој што е за 20 отсто повеќе од четиригодишниот просек и ќе предвидува дополнително оданочување само на екстра приходите на тој четиригодишен просек – рече Ковачевски.