И оваа зима македонските граѓани мака мачат како да дојдат до здив поради екстремно високото ниво на загадување на воздухот, кое е опасно по здравјето.
На светско ниво, девет од десет луѓе дишат загаден воздух, но многу луѓе не се свесни за потенцијалните влијанија на лошиот квалитет на воздухот врз здравјето и животната средина. Како настанува загадувањето, може ли да се спречи, кој е најпогоден и како да се заштитиме?
Како настанува загадувањето, може ли да се спречи, кој е најпогоден и како да се заштитиме
Веќе неколку дена последователно Скопје се вбројува меѓу најзагадените градови во светот, но исклучок не се ниту другите македонски градови. Мерењата покажуваат дека индексот на загаденост на воздухот во главниот град е на екстремно високо ниво и е опасно по здравјето, а најголема загаденост измериле станиците во Лисиче, Гази Баба, Центар и кај Ректорат. Според податоците, големо загадување има и во Кочани, Гостивар, Кавадарци и во Куманово, поради што во сила стапија и одредени препораки за намалување на активностите на отворено. Експертите нагласуваат дека загадувањето на воздухот е најголемата глобална еколошка закана, но најмногу се погодени државите во развој, особено жените, децата и постарите лица. Загадувањето на воздухот се случува кога цврсти и течни честички, наречени аеросоли, и одредени гасови завршуваат во нашиот воздух. Според Обединетите нации, владите и бизнисите треба да преземат смели, брзи и опсежни активности. Но транзицијата кон свет со ниска содржина на јаглерод бара и учество на граѓаните. На светско ниво, девет од десет луѓе дишат загаден воздух, но многу луѓе не се свесни за потенцијалните влијанија од лошиот квалитет на воздухот врз здравјето и животната средина. Кои се препораките на надлежните и стручните лица и што треба да се стори?
Загадувањето е и глобален и локален проблем
Од секторот за животната средина при Обединетите нации (ОН) посочуваат дека загадувањето на воздухот е најголемата еколошка закана за јавното здравје на глобално ниво и предизвикува околу седум милиони предвремени смртни случаи секоја година. Загадувањето на воздухот и климатските промени се тесно поврзани бидејќи сите главни загадувачи имаат влијание врз климата. Затоа во извештаите на ОН се нагласува дека подобрувањето на квалитетот на воздухот ќе донесе придобивки за здравјето, развојот и за животната средина.
Според експертите на ОН што се задолжени за животната средина, загадувањето на воздухот е глобален проблем. Тоа несразмерно ги погодува оние што живеат во земјите во развој, а особено најранливите, како што се жените, децата и постарите лица. Според податоците на ОН, загадувањето се должи на користењето на биомасата, електричната енергија од фосилните горива за затоплување и транспортот. Во делови на Африка и на Западна Азија ветерниот прав е главен извор на загадување, особено кај оние локации што се блиску до пустините.
Како настанува загадувањето
Според податоците на НАСА, загадувањето на воздухот се случува кога цврсти и течни честички, наречени аеросоли, и одредени гасови завршуваат во нашиот воздух. Овие честички и гасови можат да бидат штетни по здравјето на луѓето и затоа се препорачува нивно набљудување.
Секоја честичка што се собира во воздухот или е формирана од хемиски реакции во воздухот може да биде аеросол. Многу аеросоли влегуваат во атмосферата кога согоруваме фосилни горива, како што се јаглен, нафта и дрво. Овие честички можат да потекнуваат од многу извори, вклучувајќи издувни гасови од автомобили, фабрики, па дури и шумски пожари. Некои од честичките и гасовите доаѓаат директно од овие извори, но други се формираат преку хемиски реакции во воздухот, се вели во извештајот на НАСА. Правот, поленот од растенија и спорите на мувлата, исто така, се примери за аеросоли.
Како да се спречи загадувањето
Од Обединетите нации нагласуваат дека загадувањето на животната средина е тесно поврзано со климатските промени. Затоа препорачуваат, доколку сакаме климата да биде погодна за живеење, емисиите на стакленички гасови да се намалат за половина до 2030 година и на нето нула до 2050 година. Експертите и научниците при ОН потенцираат дека владите и бизнисите треба да преземат смели, брзи и опсежни активности. Но транзицијата кон свет со ниска содржина на јаглерод бара и учество на граѓаните, особено во напредните економии.
Обединетите нации водат конкретна кампања што има цел поттикнување на индивидуалната акција за климатските промени и одржливост. Од ОН се посочува дека секој од нас може да помогне во ограничувањето на глобалното затоплување и грижата на нашата планета. Од Обединетите нации се препорачува дека промената може да настане благодарение на правењето избори што имаат помалку штетни ефекти врз животната средина, односно сите ние можеме да бидеме дел од решението и да влијаеме врз промените.
Кој е најпогоден и како да се заштитиме?
Странските и домашните експерти посочуваат дека од загадувањето најмногу се погодени жените, децата и постарите лица. Според д-р Предраг Симјановски, особено се засегнати болните со хронична опструктивна белодробна болест (ХОБ) или астма.
– Загадувањето кај овие лица може да предизвика влошување на состојбата и тешкотии во дишењето – вели Симјановски. Според него, загадувањето може лошо да се одрази и кај лицата што имаа разни карциноми, леукемии, рак на белите дробови и дишните патишта, како и анемија.
– Проблеми може да имаат и лицата што имаат разни видови алергиски болести, особено на кожата – вели д-р Симјановски.
Симјановски препорачува носење маски со филтер, најдобро ФПП или КН95, на отворено. Пожелно е спортување или одење во планина за време на викендите, надвор од Скопје, секако по можност.
– Исто така се препорачуваат апарати за прочистување на воздухот, како и земање антиоксиданти и витамини, особено Е и Ц. Исто така се препорачува здрава исхрана – вели д-р Предраг Симјановски.
Препораки на надлежните
Владата ги информира надлежните институции и релевантните општини дека е потребно да постапат во согласност со заклучоците од записникот од 40-та седница на Владата, одржана на 28 ноември 2017 година, според кои, Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Министерството за здравство им препорачува на сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар, како и да им го реорганизираат работното време на лицата што работат на отворено.
Исто така се препорачува да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено, како и да се обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба. Д.Ст.