Пред истекот на уште една календарска година во работата на македонското собрание се поставува прашањето дали и колку тоа беше во функција на интересите и потребите на граѓаните, или народните избраници, од власта и од опозицијата, повеќе беа заинтересирани за исполнување на своите теснопартиски политички агенди. Работата на Собранието беше предмет на суштински критики и забелешки и во извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија во 2022 година, во делот на функционалноста на демократските институции. Какви се согледувањата на политичките аналитичари и каде тие го гледаат коренот на проблемот за нефункционалноста на Собранието, како и целосното потфрлање на неговата надзорна, регулаторна и контролна функција врз работењето на другите институции
УШТЕ ЕДНА НЕФУНКЦИОНАЛНА ГОДИНА НА МАКЕДОНСКИОТ ПАРЛАМЕНТ
Една од активностите на Собранието пред крајот на годината беше вчерашниот состанок на работната група за учество во дијалогот „Жан Моне“ во полн состав. Процесот „Жан Моне“ се одржува со поддршка и помош од Европскиот парламент, постои околу пет години, инициран со идеја да ја унапреди работата на македонскиот парламент во смисла да се превенираат непријатни ситуации како онаа од 27 април 2017 година. Главната тема на овој процес во суштина е измена или носење нов собраниски деловник, кој беше „детектиран“ како извор на слабостите за пропустите во дејствувањето во критичниот ден на Собранието, но и воопшто за неговата функционалност.
На последната средба во рамките на „Жан Моне“, која се одржа минатиот месец, се дискутираше за измена или носење нов деловник, за усвојување закони во редовна постапка, како и за работата на комисиите и можноста за одредени измени во нивната работа… На таа средба учесниците ги разгледуваа членовите од 132 до 166 од постојниот деловник на Собранието и како да се постапи во случаите кога работните тела нема да ги завршат работите во рок. Беа разгледани членовите што пропишуваат процедура за разгледување предлог-закони во редовна постапка во прво и во второ читање и предлозите за допрецизирање на роковите во кои треба да завршат работите во работните тела и да има алтернатива ако тие не ги завршат обврските во предвидените рокови во Деловникот. На претходната средба на работната група не учествуваа претставници на ВМРО-ДПМНЕ и на Левица, како и советниците, професорите Владо Поповски и Јетон Шасивари. Средбата се одржа откако во извештајот на Европската комисија за оваа година парламентот беше повикан да ги продолжи разговорите и да ја одржи четвртата рунда разговори во рамките на процесот „Жан Моне“.
Работата на Собранието беше во предмет на одредени забелешки и во извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија во 2022 година, во делот на функционалноста на демократските институции. Во извештајот беа повторени опомените за повеќето од старите „болки“, како што се: потребата од изборни реформи навреме пред изборите, голем број закони во скратена постапка, повремени нови иницијативи наместо имплементација на постојната правна рамка, како и запрен реформски процес на локалната самоуправа. Во тие забелешки оваа година е додадена и опомената на Собранието дека именувањата на функционерите не треба да се прават врз политичка основа, туку врз основа на заслуги, за што повод беше неможноста за избор на судии на Уставниот суд и други функционери што ги избира Собранието.
Пред крајот на уште една календарска година во работата на Собранието се поставува прашањето дали и колку тоа беше во функција на интересите и потребите на граѓаните, или пратениците повеќе беа заинтересирани за исполнување на партиско-политичките агенди. Александар Новаковски, поранешен генерален секретар на Собранието, смета дека коренот на проблемот на нефункционалноста на Собранието е во постојниот изборен модел, според кој пратениците чувствуваат поголема одговорност спрема врвовите на партиите од кои се номинирани отколку спрема граѓаните од кои се избрани.
– Веќе подолг период сме соочени со состојбата дека Собранието не е функционална демократска институција. Причината за тоа во најголем дел е постојниот пропорционално мнозински изборен модел со шест изборни единици, со кој не доаѓаат до израз самостојноста и независноста во работењето на пратениците. Коренот на проблемот на овој изборен модел, а што се манифестира во нефункционалност на Собранието, е недостигот од самостојност на пратениците и нивната уставна обврска да ги застапуваат граѓаните што нив ги избрале. Без разлика што се претставници на политички партии, приоритетот на народните пратеници е да ги застапуваат интересите на граѓаните, а со постојниот изборен модел се покажува дека тие сѐ повеќе се во канџите на партиите и под директно влијание на одлуките од врвот на политичките партии. Тоа придонесе за комплетно да се измести суштината на парламентарното работење, со што имаме еден вид општа опструкција од сите парламентарни групи, во зависност од тоа кој поднел одреден предлог- закон. Првата калкулација на секоја од политичките партии е дали тој предлог им носи дневнополитички поени кај нивните гласачи. Тоа е главната причина пратениците да бидат послушни и да гласаат како што им е наложено од нивните партии. За жал, сега сме сведоци на блокирани собраниски комисии, блокирани закони…, иако пратениците можеби интимно мислат дека е исправно законот да биде донесен.
Освен тоа, сметам дека во политичките партии немаат доволно стручни лица што суштински би ги разгледале предлозите на законите и би одлучиле во некој подолгорочен интерес на државата. И борбата во Собранието за поголем број пратеници, како од мнозинството, така и од опозицијата, која беше (кога отворено, кога подзатскриено) постојан мотив во дејствувањето на пратениците во текот на целата година, е резултат на претходно наведената состојба. Ако имаме друг изборен модел на пратеници, нивната одговорност ќе биде поголема и ќе гласаат во интерес на граѓаните, а не во интерес на партиите. Суштината на сите процеси за подобрување на функционалноста на Собранието беше работата на комисиите. Но ние и понатаму сме сведоци на блокирани комисии и воопшто целата функционалност на Собранието – вели адвокатот Александар Новаковски, поранешен генерален секретар на Собранието.
Освен тоа, Новаковски забележува дека во последните три-четири парламентарни состави, за жал, нема подготвеност и желба за компромис и едногласност, освен во ретки исклучителни случаи. Според поранешниот генерален секретар на Собранието, тоа е мошне контрадикторно во споредба со искуствата од првиот парламентарен состав, па и уште неколку потоа, каде што политичко-идеолошките спротивставености на парламентарните претставници и пратеничките групи биле многу поголеми, па се постигнувале многу повеќе компромиси.
Според Тодор Петров, пратеник во првиот состав на Собранието од независноста на Македонија, она што го обележи работењето на македонскиот парламент оваа година е изгласувањето на т.н. француски предлог на преговарачката рамка на ЕУ за ефективно започнување на македонските евроинтеграции.
– Овој парламентарен состав и актуелната марионетска влада и годинава што измина го продолжија велепредавството кон државата и нацијата. Почнувајќи од парламентарните избори во 2016 година, со задача да го заокружат проектот: Демонтажа на државноста. Впрочем, не им бегаат казна доживотен затвор и конфискација на личниот имот и имотот на членовите на семејствата дома и во светот, но штетите по државноста се огромни, санацијата ќе трае долго и болно, кога од готово ќе си направите вересија… Француската преговарачка предлог-рамка од 23 и 30 јуни 2022 година ги содржи сите барања од таканаречената Рамковна позиција на Софија за почеток на преговорите на Македонија и Албанија со Европската Унија, усвоена од бугарската влада на 9 октомври 2019 година, а потврдена со Парламентарна декларација на 10 октомври 2019 година и таканаречениот Објаснувачки меморандум на Софија до земјите-членки на Европската Унија од 16 септември 2020 година. Врз оваа основа македонската влада треба да прифати дека: Македонците се Бугари, македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик, не постоела бугарска фашистичка окупација во Македонија во Втората светска војна, не постои македонско малцинство во Бугарија, да се избрише одредницата „бугарски фашисти“ од сите споменици како паметници за бугарската фашистичка окупација и ѕверства во Македонија и да се препечатат сите историски учебници според бугарската историја за Македонците и Македонија!
Се разбира, неприфатливи се и француската преговарачка предлог-рамка за членство на Македонија во Европската Унија и предлог-заклучоците за Македонија на Советот за општи работи на Европската Унија. Со одлуката на Народното собрание на Бугарија, од 25 јуни 2022 година, за нивно прифаќање се содржани дополнителни бугарски услови: прифаќање на Протоколот за спроведување на Договорот со Бугарија, кој всушност претставува анекс на договорот иако не оди на ратификација, и впишување на Бугарите во Уставот на државата Македонија! Без измени на Уставот заради впишување на Бугарите во Уставот на државата Македонија, нема одржување на првата меѓувладина конференција за почеток на преговорите на Брисел со Македонија. Но, за волја на вистината, вака поставената преговарачка рамка по предлог на Емануел Макрон, во правото се нарекува поставување „услов што не може да се исполни“. Таквиот договор, според меѓународното право, генерално е „ништовен“ и не произведува правно дејство! Затоа и заклучоците на Собранието на Македонија за прифаќање на француската преговарачка предлог- рамка, усвоени на 16 јули 2022 година, претставуваат флагрантно прекршување на Уставот и на меѓународното право! Единственото решение е итно и безусловно еднострано раскинување на договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година и итно и безусловно еднострано распуштање на Комисијата за ревизија на македонската историја. Предлагаме македонско-бугарско историско помирување и договор за траен мир и добрососедство помеѓу Македонија и Бугарија, меѓутоа врз основниот принцип на меѓународното право на суверена еднаквост, што подразбира: замено разбирање и почитување, соработка со сите по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи на суверените држави и реципроцитет во меѓусебните односи – вели Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес и пратеник во првиот парламентарен состав на независна Македонија.
Опструкции и на надзорниот институт пратенички прашања
Она што остана како најзабележано во изминатата година од работата на Собранието беше гласањето за прифаќање на т.н. француски предлог на преговарачката рамка за почеток на преговорите со ЕУ, како обврска да се спроведат уставни измени за внесување на Бугарите во македонскиот устав. Пред носењето на таквата одлука на Собранието, без поддршка од опозицијата, францускиот предлог беше причина за двонеделни граѓански протести на незадоволство од условената понуда на ЕУ. Со тоа гласање, практично, Собранието ја погази сопствената резолуција за црвените линии во преговорите за евроинтеграции, која ја изгласа една година порано, во јули 2021 година. Уставните измени се голем предизвик за Собранието во 2023 година. Инаку, неколку месеци во Собранието не функционираше институтот пратенички прашања, што претставува сериозно затајување и избегнување на демократската функција на парламентот.
Целосно потфрли надзорната функција на парламентот
Собранието не е само законодавен дом туку тоа има и редица други уставно утврдени надлежности. Меѓу другото, тоа се политичка контрола и надзор врз работењето на Владата и над другите носители на јавни функции што се одговорни пред Собранието. Поважни механизми за остварување на оваа контролна и надзорна функција на Собранието се пратеничките прашања, интерпелацијата, анкетните комисии, разните собраниски комисии или ад хок тела, надзорни расправи итн. Како надзорен орган со широки овластувања и ингеренции, Собранието треба да врши надзорна, контролна и регулаторна улога и во работењето на други органи, министерства, во правосудството итн. За жал, реалноста покажуваа дека Собранието воопшто не ја исполнува оваа своја исклучително важна надзорна функција.