zapleneti lekovi
Фото: МВР

Министерството за внатрешни работи информира дека до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) е поднесена кривична пријава против 19 физички и шест правни лица, осомничени за повеќе кривични дела поврзани со организирана криминална мрежа за нелегална трговија со медицински производи.

Меѓу пријавените се лица од Скопје и Битола, вклучително доктори вработени во јавни здравствени установи, управители на правни субјекти и едно лице – царински службеник.

Според МВР, пријавите се однесуваат на кривични дела „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“, „злосторничко здружување“ и „примање поткуп“, како и соизвршителство во дел од случаите.

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, на 23 април 2026 година спровел координирана полициска акција на повеќе локации во Скопје, Струмица и Битола.

Во акцијата се лишени од слобода 14 лица, а се запленети поголеми количини медицински лекови и помагала, меѓу кои филери, ботокс и хијалурон, како и 39.285 евра, 2.490 швајцарски франци и 26.000 денари. Одземени се и патничко возило „порше“, поголема количина парфеми, декларации, мобилни телефони и други предмети.

Според МВР, осомничените организирале мрежа за набавка и дистрибуција на фалсификувани и нелегално увезени медицински производи од Србија, Јужна Кореја и Турција, без соодветни дозволи, упатства и одобренија од Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД).

Лековите биле складирани и продавани преку дерматолошки ординации и други правни субјекти, а дел од нив биле и аплицирани кај пациенти, со што, како што наведува МВР, била создадена општа опасност по здравјето и животот на луѓето.

Во рамки на истрагата е опфатен и царински службеник, кој се сомничи дека во два наврати примил поткуп за да овозможи влез на нелегална стока без царинска контрола.

Според МВР, групата функционирала како злосторничко здружување во текот на 2026 година, со цел стекнување противправна имотна корист од големи размери.