Снегот годинава доцни, но во училиштето „Димо Хаџи Димов“ пристигнаа 9 снешки и 13 снешковци.
Се прашувате од каде снешковци без снег? Е па, на 2-а одделение не им треба снег за да изгледаат снежно. Идејата ја даде наставничката Ирена Грујоска Циолиас, но… Каде среде зима да се набават бели маички со кратки ракави, и тоа 22 на број? За капчиња, шалови и ракавици се чинеше лесно, но не беше така…
Мама Бети сепак успеа да набави маички, кои требаше да се сошијат, а детските рачиња не се вешти во шиење. Тогаш затропа машината на мама Ане, маичките беа сошиени, капчињата добија пувки од волница, но шалови немаше. А каде се видело снешковци без црвен шал? Светна идеја и две црвени ќебиња станаа шалови, уште потопли од вистинските.
Во училиштето деновиве вриеше како во кошница, во сите училници се изработуваа и украси за новогодишниот базар, се украси елката, се пакуваа подароци за „таен Дедо Мраз“.
Второодделенците, со другата наставничка Софче Пеева, изработија и мини-елки, на кои ги закачија своите новогодишни желби. Каја посака сите да се живи и здрави, да нема војни и коронвирусот да не се врати никогаш повеќе. И желбата на Теодора е слична: Да има мир во светот и сите да се живи и здрави. Марија исто така посака мир во светот и да нема гладни деца, а Илина да стане уметница и да слика убави слики, за да ги разубави домовите на другите. Лина посака бел ’рчко, откако стариот ѝ угина, а Јан посака куче. Скромни се и желбите на Јана и Јована. Јана – да го дочека Дедо Мраз со мама, тато и бато и да ѝ донесе подароче затоа што изминатата година била умна. Јована – да ја накитат елката. Мила посака балони, а Тадеј да има многу здравје
Давид посака украсен песочен часовник со магичен песок, а Максим да лета со ангелски крилја. Ведран, Даријан, Јаков, Дарин и Петар уште ги држи фудбалската трска, посакаа топки од Светското првенство во фудбал, голчиња и шише.Ако им се исполнат желбите, ќе играат заедно. Дамјан побара лего-коцки, а Миха мотор на далечинско, плејстејшн и санка. Санката ќе им се најде и ако се оствари желбата на Олег да падне снег, Амелија – куќа за барбики, голем лего-сет и киндер-јајце.
Дедо Мраз ќе има полни раце работа со списокот на Никола: плејстејшн Б, лаптоп, астронаут или авион со контролор и камера со закачалка, дрон со закачалка и камера. Плус и многу пакетчиња полни со чоколадо и чипс.
Снешковците утревечер ќе пеат и танцуваат за учениците и родителите, ќе делат насмевки и радост. Ќе настапат и талентираните ученици музичари, а којзнае можеби и некоја вистинска снегулка ќе посака да се придружи на забавата?

Од снешковците и снешките
од 2-а одделение во
ОУ „Димо Хаџи Димов“- Скопје


Мојот дворец

Рој од желби – дворец гледам,
волшебен, во сонце свети.
Гнездо свидно ко во сказна
добрината кај што цвета.

Каков дворец, каква убост!
Голем, широк, крај му нема,
кој е без дом нека дојде,
јас кирија насмев земам.

Дење-ноќе ѕидам, градам,
а ни камен, ни грам песок.
А тој расте в небо вишно –
ко утрински сончев блесок.

Таков дворец нигде нема.
В него сонце не ќе зајде.
Кај ли расте, кај ли сјае?
Во срцето ќе го најдеш!
Перо Миленкоски

Перо Миленкоски
(Од книгата „Сончев дворец“)

Не се може
без Дедо Мраз

Нова година на прагот,
дома расправија.
За малку Дедо Мраз без
работа го оставија.
Слушнав и јас.
Ем дедо Дончо
искусен Дедо Мраз,
ем баба Даница
супер Мразица.

Од дома да не мрднувале.
Со децата на
интернет да пребарувале
некои неразбирливи звуци.
Ете ви вибери
и фејсбуци!

Треба да се снајдете,
таму да го најдете!

Излегува – Дедо Мраз
да го бараме.
Го нема – ќе се скараме.

Не оди ова тукутака,
топла насмевка се сака,
со подарок – подадена рака!
Па така – и годинава Дедо Мраз
како и лани.
На врата ќе ти тропне, а ти,
бргу отварај и навреме стани.

Васил Мукаетов
(Од книгата „Ние по тротоари,
по булевари…“)