Со симболично сечење на бадникови гранчиња во месноста Говрлевска Краста на јужните падини на Водно, денеска започна годинашната прослава на Бадник, што по 31-ви пат ја организира Граѓанското здружение „Одбор за традиционална прослава на Бадник во Скопје“.
Првото бадниково гранче го пресекоа кумовите и здравичарот Мојсо Мојсовски и Марко Илковски-јуниор и Иве Стевков, како и ланските кумови и здравичарот, Драган Спасов Дац и Александар Митевски и Живко Поповски Цветин.
Потоа им се придружија градоначалниците на Скопје и Центар, Данела Арсовска и Горан Герасимовски и поранешни кумови, здравичари и поканети гости.
Арсовска на сите оние кои што ги чествуваат претстојните празници им упати порака за благостостојба, здравје и среќа, а Герасимовски посака да се продолжи традицијата.
– Еднаш бадникар, цел живот бадникар – рече Драган Спасов Дац, дополнувајќи „со овие луѓе добиваш не само пријатели, добиваш роднини, браќа, сестри“.
По закаструвањето на бадниковите гранчиња присутните седнаа на традиционалниот посен ручек, а кумовите и здравичарот поделија векни леб.