За оние од СДСМ објаснувањето за уплавот од избори е многу
едноставен, знаат дека ќе изгубат. Тоа го знаат уште од локалните избори во 2021 година. На што се надеваат тогаш од СДСМ со бегањето од предвремени избори?
Во претпразнична вечер, на хуманитарен настан, ми приоѓа познаник, симпатизер на СДСМ, се поздравува и надвор од контекстот и атмосферата ми поставува прашање: „Изборите ќе бидат во 2024 година?“ Потоа констатира дека новите (раководството) се подобри. Во моментот немав одговор, но ме замисли таа опсесија на власта, на ДУИ и на СДСМ, изборите да бидат во редовниот термин во 2024 година или да владее до последниот ден. Зошто е тој уплав од избори на власта?
За оние од СДСМ објаснувањето за уплавот од избори е многу едноставен, знаат дека ќе изгубат. Тоа го знаат уште од локалните избори во 2021 година. На што се надеваат тогаш од СДСМ со бегањето од предвремени избори? Се надеваат дека нешто ќе се смени и ќе се намали поразот што е неминовен. Што ќе се смени? Првиот чекор беше промена на раководството кога стана јасно дека Зоран Заев е една од причините за пораз на локалните избори. Вториот чекор е да се задуши локалната власт и по цена да се оштетат сопствените градоначалници, за да се покажат градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ како неспособни и корумпирани, исто како власта на ДУИ и на СДСМ. Ако власта не може чесно, подобро и повеќе, да се налага наративот и ВМРО-ДПМНЕ е исто, сите се исти. Овој наратив не му помага многу на СДСМ, можеби повеќе на Левица, која веројатно поради антизападната реторика не се доживува како сериозен кандидат за власт.
Но дали може само со негативна кампања кон ВМРО-ДПМНЕ, власта да дојде до подобра позиција? Веројатно не. Власта, посебно СДСМ не може да се надева на чесен пораз, за победа секако нема шанса, без да го ублажи имиџот на неспособност. Неспособност од легендарни размери, отсликана во незавршувањето на автопатот Кичево – Охрид, бидејќи пругата за Бугарија, предизборно ветување на СДСМ од пред неколку децении, секако е заборавена. Така, во изборната стратегија на СДСМ клучно е завршување на автопатот Кичево – Охрид во 2023 година. Колкави се шансите за тоа? Искрено многу сакам автопатот да се заврши следнава година и да завршат деценискиве голготи на Охридскиот Регион. Но шансите за тоа се минимални, доколку се погледне дека два-три километри на автопатот кај Петровец или кон Косово не се завршуваат неколку години. Со таква неспособност тогаш максимум што може да се сонува е завршување на „рамната“ делница Врбјани – Охрид. И ова беше ветувано и за претходни години и за оваа, но не беше направено.
Бидејќи оваа изборна стратегија не е многу ветувачка, тогаш СДСМ ќе се сврти кон клиентелизам – купување на гласачите. За тоа треба да послужи рекордниот буџет од над пет милијарди евра за 2023 година со нов долг од над 700 милиони евра, за минимален импакт на капитални инвестиции. Но со пари планирани за јавната администрација, пензионерите и партиската војска. За јавната администрација се планира зголемување на платите, предизвикано од зголемувањето на минималната плата. За пензионерите минимално зголемување. И двете ќе се претстават како огромен успех, иако нема да ги задоволат очекувањата на административците и пензионерите бидејќи инфлацијата е многу поголема од зголемувањето. А нема да ги задоволи ниту меѓународните финансиски институции бидејќи овие зголемувања не се засновани на раст, на продуктивност, на зголемени приходи во буџетот (пропаднати ветени зголемувања на даноци), туку на нов дефицит и ново задолжување. И, да, секако во буџетот има рекордна ставка за договори на дело за уште повеќе партиски војници да се стават на товар на државата. Двојно ништо.
Секако тука е картата на „Запад“ и игра на „националистичката“ ВМРО-ДПМНЕ, заложник на антизападната Левица. Излитена реторика што никој не ја купува. Ќе се ветуваат и 80 пратеници за промена на Уставот, па ако треба и да се рехабилитираат лица од црната листа на САД. Тука е и компромитација на албанските опозициски партии (АнА), со мамката за влез во Владата. Но за секој случај, тука е преземање целосна партиска контрола врз правосудството. Какви реформи каков мерит, ставај едвај завршени, не е чудо и незавршени, со никакво судско или скромно обвинителско искуство на клучни позиции. И потоа држи прес-конференции за ЕУ, реформи, поглавја без никаков срам.
Каде е тука ДУИ? ДУИ бараше македонска влада со премиер етнички Албанец, секако од ДУИ, доби „албанска“ или поточно ДУИ влада со премиер етнички Македонец. Шега на страна, ДУИ доби влада со слаб коалициски партнер СДСМ и нема зошто да ја напушти таа влада дури обезбедува мнозинство, ако треба и со вклучување на АнА. Иако ДУИ со „раздели, па владеј“, со вклучувањето на Алтернатива и можното вклучување на АнА во Владата ја разби опозицијата и ја сведува својата опозиција на Беса, може без многу стравување да излезе на предвремени избори. Во меѓувреме ќе продолжи со заробување на државата и со корупција и ќе крои стратегија како да обезбеди да биде и во следната власт со СДСМ или без него.
Бидејќи стратегијата на СДСМ има мали шанси да даде плод и со секојдневните скандали во безбедноста, правосудството, економијата, енергетиката, распадот на секое поле, за СДСМ е подобро да излезе од задушувачката прегратка на ДУИ и да се одлучи за предвремени избори. И за Македонија, секако, тоа е подобро.
Авторот е аналитичар
Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични