Фото: Нова Македонија

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против три лица, од кои две се осомничени за кривични дела „криумчарење“ и „вршење јавен превоз без лиценца“, додека трето лице се товари за „прикривање стоки предмет на криумчарење и царинска измама“ и „производство и пуштање во промет штетни средства за лекување“.

За осомничената, со цел обезбедување на нејзино присуство и непречено водење на постапката, јавен обвинител предложил мерки на претпазливост – редовно јавување кај службено лице, привремено одземање на патната исправа и забрана за контакт со другите осомничени.

Од Обвинителството информираат дека постапката следува по акција на Секторот за контрола и истраги при Царинската управа, при која денеска биле лишени од слобода три лица, меѓу кои и сопственичка на салон за убавина, осомничени за шверц на медицински препарати штетни за здравјето.

Случајот бил откриен на граничниот премин Табановце, каде при контрола на комбе биле пронајдени 535 вијали со средство за слабеење и 7.400 етикети со ознаки „TIRZ 2,5 мг“ и „TIRZ 5 мг“, скриени во постелнина. Возилото, под надзор на мобилен царински тим, продолжило до локацијата каде била договорена испораката.

При примопредавањето на пратката, инспектори ја лишиле од слобода осомничената, по што по налог на јавен обвинител бил извршен претрес во нејзиниот салон.

При претресот биле пронајдени дополнителни нелегални медицински производи, меѓу кои дермални филери, препарати за нивно разградување, средства за редукција на маснотии, контурирање на лице, отстранување брчки и подмладување.

За овие производи не постоела документација за безбедност, исправност и законит увоз, а според сомнежите, тие биле рекламирани и користени кај клиенти.