Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на член 37 став 1, во делот „родено на територијата на Република Северна Македонија“ од Законот за заштита на децата, поради сомнежи за повреда на начелото на еднаквост, пренесе МИА.
Од Судот информираат дека во оваа фаза клучно е уставното начело на еднаквост утврдено со член 9 од Уставот, според кое децата чии родители се државјани на државата стекнуваат државјанство по потекло и по таа основа треба да ги уживаат истите права.
Според Судот, основано се поставува прашањето дали со оспорената одредба се прави неоснована разлика меѓу деца родени во земјата и оние родени во странство, иако имаат исти родители – државјани на Република Северна Македонија. Се нагласува дека местото на раѓање не може да биде критериум за ограничување на права што произлегуваат од државјанство стекнато по потекло.
Во таа насока, Судот изрази сомнеж дека законодавецот без разумно оправдување ги става во понеповолна положба децата родени надвор од државата, што може да значи повреда на начелото на еднаквост, но и индиректно да влијае врз слободата на движење на граѓаните.
Како пример, Судот посочува дека раѓањето во странство може да биде резултат на непланирани или здравствени околности, без намера за трајно иселување, па затоа местото на раѓање не смее да биде основ за нееднаков третман.
Во однос на предметот У.бр. 93/2025, Уставниот суд ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на член 1 и член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, со образложение дека за истото прашање веќе било одлучувано на седница одржана на 18 февруари 2026 година.

































