Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, во врска со последните тензии на северот на Косово, истакна дека ЕУ нема да толерира напади врз ЕУЛЕКС на Косово, ниту насилство и криминални дејствија на северот.
Тој додаде дека барикадите на косовските Срби на северот мора веднаш да бидат отстранети, јави дописникот на МИА од Белград.
– Групите на косовските Срби мора веднаш да ги отстранат барикадите. Мирот мора повторно да биде воспоставен – предупреди Борел на Твитер.
Тој додаде дека ЕУЛЕКС ќе продолжи да координира меѓу косовските власти и КФОР.
– Сите актери мора да ја избегнуваат ескалацијата – изјави шефот на европската дипломатија.
Вчера Србите од северот на Косово поставија барикади на северот на Косово во знак на протест против апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција Дејан Пантиќ.
Од ЕУЛЕКС потврдија дека во саботата навечер била фрлена шок бомба врз нивната извидничка патрола кај Рударе, наведувајќи дека нема повредени ниту материјална штета.
И денеска северот е блокиран и од српските граѓани и од косовската полиција. На административните премини кон Србија, Јариње и Брњак, не може да се помине ниту пеш, ниту со автомобил.
Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија Петар Петковиќ соопшти дека го информирал специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, дека специјалните единици на косовската полиција Росу со блиндирани возила незаконски упаднале во објектот на браната на езерото Газоводе.
Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Косово, Џефри Ховениер го осуди вчерашниот напад со шок-бомба врз припадниците на Мисијата на ЕУ за владеење на правото, ЕУЛЕКС, во близина на барикадите во село Рудар во северно Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Ховениер порача дека насилните напади врз косовската полиција и меѓународниот безбедносен персонал се неприфатливи и побара одговорните да се изнесат пред правдата, врз основа на косовскиот правен систем.
– САД се приклучуваат на ЕУЛЕКС во силната осуда на синоќешниот напад врз патролата на ЕУЛЕКС. Нападите врз косовската полиција и меѓународниот безбедносен персонал се неприфатливи и одговорните да понесат одговорност врз основа на косовскиот правен систем – напиша Ховениер на Твитер.