Боксерскиот клуб Универзалци од Скопје е нов државен првак во екипен бокс. Избраниците на ИБА тренерот Васко Цубалевски во последните две кола во силна конкуренција создадоа недостижна предност пред ривалите и се закитија со титулата.
Покрај Цубалевски, заслуга за овој успех на скопскиот клуб има и помошниот тренер Гаврил Огњановски, кој заедно со Цубалевски, постави победничка стратегија.
– Задоволен сум од настапот на нашите боксери во тековната сезона. Боксерите неуморно работеа и совладуваа задачите зададени на тренинзите и поради тоа станавме шампиони оваа година. Дополнителна сатисфакција е фактот дека покрај титулата славиме и дополнителен јубилеј 20 години од формирањето на боксерскиот клуб Универзалци, со што уште еднаш покажавме дека сме институција во македонскиот бокс. Сега се насочуваме кон следните предизвици, а секако најавуваме нов атак на титулата во домашното првенство и следната сезона – истакна Цубалевски.
Боите на Универзалци во тековната сезона ги бранеа капитенот на тимот, Илхан Озмен – актуелен државен првак во категоријата до 63,5 килограми, кој е и непоразен во Првата лига, учесник на две европски првенства и носител на бронзениот медал од Светскиот куп на нации во 2018 година, Ајхан Озмен – државен вицепрвак до 75кг и носител на сребрен медал од Светскиот куп на нации од 2018 година и исто така непоразен во Првата лига, Филип Ивановски – актуелен вицедржавен првак во категоријата до 67кг, како и Никола Кисковски, Стефан Цингаровски, Адам Ал-Ниами, Харитон Николовски, Мартин Симоноски, Димитар Симоноски, Кристијан Трифуновски и Милан Митревски.