Фото: Твитер/Светско првенство во Катар

Мароко е првата фудбалска репрезентација од Африка што се пласираше во полуфиналето на светските првенства откако ја совлада фаворизираната Португалија со 1-0 за да обезбеди учество во завршницата од турнирот во Катар. Претходно три селекции од Црниот континент играа во четврт-финалето на СП (Камерун во 1990, Сенегал во 2002 и Гана во 2010 година).

Стрелец на единствениот гол беше Јусеф ел Незири во 42-та минута по голема грешка на португалскиот голман Диого Кошта.

Мароканската одбрана повторно успеа да го сочува својот гол, овој пат против португалските ѕвезди меѓу кои се Жоао Феликс, Кристијано Роналдо, Рафаел Леао и Бруно Фернандеш, откако претходно не прими гол ниту против Шпанија, Белгија и Хрватска. Атласките лавови во досегашниот тек од СП во Катар примија само еден гол, против Канада во групната фаза, кога Најеф Агерд ја затресе сопствената мрежа.

Капитенот на репрезентацијата на Португалија, Кристијано Роналдо, веднаш по завршувањето на натпреварот отиде кон соблекувалните, а објективот на камерата забележа како 37-годишниот Португалец не можеше да ги задржи солзите. Роналдо го почна натпреварот на клупата за резерви, по што влезе во игра во второто полувреме кога неговата селекција имаше негатива.

Мароко во полуфиналето ќе се сретне против подобриот од вечерашниот дуел помеѓу Франција и Англија. Во второто полуфинале ќе играат Аргентина и Хрватска.