Селекции од пет континенти беа меѓу 16-те најдобри и на мундијалите во 1994, 2002, 2006 и во 2010
Петти пат на фудбалските светски првенства (СП) и првпат по пауза од 12 години, во осминафиналето на еден мундијал ќе играат репрезентации претставници на пет континенти. На актуелното Светско првенство (СП) во Катар настапуваат селекции од пет континенти и по некомплетното трето коло од групната фаза (пред мечевите синоќа во третото коло во групите Г и Х) меѓу 16-те најдобри репрезентации се пласираа седум репрезентации од Европа (Холандија, Англија, Франција, Полска, Хрватска, Шпанија и Португалија), по две од Јужна Америка (Бразил и Аргентина), Африка (Сенегал и Мароко) и од Азија (Австралија и Јапонија) и една од Северна Америка (САД).
Досега светските титули ги освојуваа репрезентации од Европа и од Јужна Америка (Европа славеше на претходните четири мундијали и вкупно води со 12-9), а досега единствените репрезентации од други континенти меѓу четирите најдобри на еден мундијал беа САД на СП 1930 и Јужна Кореја на СП 2002.
На минатото СП Европа имаше 10 осминафиналисти и четири од нив се пласираа во полуфиналето. На СП 2010 рекордно малку селекции од Европа беа меѓу 16-те најдобри, шест, но три играа во полуфиналето, а две настапија во финалето. На СП во 1994 и во 2002 година, пак, Јужна Америка имаше само по две репрезентации во осминафиналето и во двата случаја титулата ја освои селекција од Јужна Америка.
На досегашните 22 светски првенства само на четири се случило да играат репрезентации од сите шест фудбалски зони (уште и Океанија од каде што на светските првенства играле Нов Зеланд и порано Австралија, која од СП 2010 се натпреварува во Азија), и тоа во 1974, 1982, 2006 и во 2010 година. На повеќе други планетарни првенства играле селекции од по пет континенти, а секој од нив имал претставник во осминафиналето, покрај годинава, и на мундијалите во 1994, 2002, 2006 и во 2010 година.
Светското првенство продолжува денеска, кога ќе бидат познати првите четвртфиналисти, откако од 16 часот играат Холандија – САД, а од 20 часот Аргентина – Австралија. Утре, пак, се средбите Франција – Полска (16 ч.) и Англија – Сенегал (20 ч.), а преостанатите осминафинални дуели се в понеделник (Јапонија – Хрватска и мечот на победникот на групата Г со второпласираната селекција во групата Х) и во вторник (Мароко – Шпанија и дуелот на првопласираната селекција во групата Х со второпласираната во групата Г).