Поранешниот бугарски претседател, Георги Прванов, денеска на тркалезната маса „Лева Бугарија – идеи и политики“ одржана во Националната палата на културата, коментираше дека би било добро и БСП да учествува во обединувањето на левицата, јавува дописникот на МИА од Софија.
Во работата на форумот и денеска учествуваа лидерите на левичарските политички формации во Бугарија и поранешни истакнати личности од левицата, кои ја напуштија БСП во последните 10 години.
Според Прванов, кој е организатор на тркалезната маса, тоа треба да се направи со целото БСП, а не со поединци, меѓутоа сето тоа ќе зависи од раководството на партијата. Според него, најголемата левичарска партија му дава друг хоризонт на ова обединување во бугарскиот политички простор и затоа не треба да се дозволи таа да го попречува процесот.
Парванов ги повика сите левичарски формации заедно со БСП да формираат единствена коалиција во Бугарија.
На тркалезната маса Георги Кадиев предложи во иднинот левичарски сојуз, секоја од партиите да имаат еднаквост и партнерство, а како пример ја даде Европската Унија.
Друга значајна фигура од левицата во Бугарија, Татјана Дончева од „Движење 21“, коментираше дека додека БСП е со сегашното раководство, тешко може да се водат преговори со партијата.
-Левото обединување без БСП ќе биде слабо, смета Георги Кадиев. Според него, сепак и без БСП треба да се направи тоа обединување.
Како што вчера пренесе дописникот на МИА од Софија, лидерката на БСП Корнелија Нинова ги поканила сите истакнати личности кои ја напуштиле партијата да го обноват членството во БСП.