Во услови на енергетска криза Северна Македонија и Грција имаат особен интерес за стратешки инвестиции во енергетиката, вклучително и зелената енергија, оценија на денешната средба премиерот Димитар Ковачевски и новоименуваната грчка амбасадорка на во земјава, Софија Филипиду.
Како што информира владината прес-служба, премиерот Ковачевски ѝ посака топло добредојде на амбасадорката и ѝ посака успешно извршување на должностите, со што се очекува продлабочување на билатералните односи, особено во делот на економската соработка и енергетиката.
Заемно е истакнато значењето на Преспанскиот договор, кој, како што нагласија соговорниците на средбата, отвори нова страница во билатералните односи меѓу двете држави, при што е нагласен интересот и посветеноста на двете страни за негова целосна имплементација, што уште повеќе ќе ги зацврсти пријателските и партнерските врски меѓу Македонија и Грција.
На средбата заеднички е оценето дека за негување на успешни економски врски помеѓу двете држави особено значајно е инвестирањето во патната инфраструктура, односно Коридорот 10.
Премиерот ја искористи приликата преку амбасадорката Филипиду да упати особена благодарност до неговиот грчки колега премиерот Кирјакос Мицотакис, за огромната поддршка што Грција континуирано ѝ ја дава на земјава во нејзиниот евроинтеграциски процес.
На средбата обострано е констатирано дека има услови за натамошно унапредување на односите меѓу двете држави, како во областа на енергетиката и економијата, така и во повеќе други области од значење за граѓаните.