Третиот натпревар во групата А за пласман на ЕП 2023, Македонија ќе го одигра утре, во белгискиот град Ловен (20.30 ч.)

КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2023

Женската кошаркарска репрезентација на Македонија утре (од 20.30 часот) во Ловен ќе го одигра третиот натпревар во групата А со соодветната селекција на Белгија, од квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2023 година во Израел и во Словенија. Три дена подоцна во Скопје (19 ч.), Македонките ќе ја пречекаат репрезентацијата на Германија. Предводени од селекторката Александра Ашаданов, македонските кошаркарки ги привршуваат мини-подготовките што почнаа во саботата.
Белгијките, кои по првите два дуела имаат по една победа и пораз (пораз од БиХ со 81-87 и победа над Германија со 84-55), против Македонија ќе бидат предводени од новиот селектор во овие квалификации, Французинот Рашид Мезиане. Тој ги соопшти и 16-те кошаркарки што ќе играат со Македонија, а три дена подоцна и со БиХ на гостински терен.
Македонија ги загуби првите два квалификациски натпревара, од Германија на гости (41-73) и од БиХ дома (64-80). На табелата водат БиХ со четири бода, Белгија и Германија имаат по три, а Македонија два. Од 10-те квалификациски групи, на ЕП 2023 одат првопласираните, како и четири најдобри второпласирани селекции, а засега таму најдобро котираат Белгија, Словенија, Португалија и Франција. Г.И.


Македонија в година домаќин на две нови европски првенства

Кошаркарската федерација на Македонската (КФМ) во 2023 година ќе биде организатор на две нови европски првенства за млади категории кошаркари, што претставува уште еден доказ за довербата што КФМ ја има кај Бордот на европската кошарка, кој оваа одлука ја донесе на својот состанок во Париз. Така, КФМ прво ќе го организира ЕП за кошаркари до 20 години од дивизијата Б, во Скопје (во јули), а второто ЕП до 16 години, но во дивизијата А, исто така, во Скопје (во август). Г.И.