Фото: Твитер

Руското Министерство за надворешни работи денеска ја критикуваше Украина поради, како што соопшти, „безбожниот, дивјачки и неморален“ напад врз манастирот на православната црква во Киев.

Украинската безбедносна служба (СБУ) и полицијата вчера рано наутро извршија рација во илјада години стариот комплекс Киевско-Печерска Лавра како дел од операцијата за спречување на „субверзивни активности на руските специјални служби“, објави СБУ.

Манастирот е седиште на рускиот огранок на Украинската православна црква, која потпаѓа под Московската патријаршија.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова денеска изјави дека нема оправдување за рацијата и го спореди „киевскиот режим“ со прославите на Бахус, римскиот бог на виното чие име во Русија често се поврзува со неморално однесување и хаос.

– Тоа е некаква безбожна баханалија. Нема оправдување или објаснување за тоа, а не може ни да има – изјави таа за радио Спутник.

– Ова е уште една апсолутно неморална и варварска акција на режимот во Киев – додаде Захарова.

Руската православна црква во вторникот соопшти дека рацијата на манастирот е „чин на заплашување“.