Европа, на пример, води според бројот на освоени планетарни круни во однос на Јужна Америка, која, пак, е поуспешна во меѓусебните финалиња на СП. Европа е прва според бројот на учесници во финалињата, а Јужна Америка во освоените титули надвор од матичниот континент. Од Европа е селекцијата со најмногу финалиња и вкупно освоени медали, Јужна Америка ја има репрезентацијата со најмногу учества на СП и титули. Европа го има фудбалерот со најмногу голови на СП, а најефикасната репрезентација е од Јужна Америка. Од Европа е фудбалерот со најмногу медали, од Јужна Америка е фудбалерот со најмногу титули. По една селекција од двата континента освојувала две титули во низа и играла во три финалиња по ред…
Од почетоците на светските првенства (СП) се одвива постојана трка и постои големо ривалство помеѓу фудбалските репрезентации од Европа и од Јужна Америка. Двата континента засега се единствените чии репрезентации ја освојувале светската фудбалска титула. Европа, на пример, води според бројот на освоени планетарни круни во однос на Јужна Америка, но Јужна Америка е поуспешна во меѓусебните финалиња на фудбалските мундијали. Европа, пак, е прва според во бројот на учесници во финалињата, но Јужна Америка во освоените титули надвор од матичниот континент итн.
ТИТУЛИ ЗА КОНТИНЕНТОТ
До Светското првенство во 2010 година, двата континента речиси наизменично освојуваа планетарни трофеи и ниту еден од нив не поведе во таа трка со повеќе од еден пехар разлика. А водството се менуваше неколкупати, Јужна Америка поведе со 1-0, па Европа со 2-1 и со 3-2, но Јужна Америка потоа водеше со 4-3, 5-4, 6-5, 7-6, 8-7 и со 9-8, кога на СП 2002 победи Бразил. Но оттогаш трае европската доминација, со четири светски титули во низа (Италија во 2006 година, Шпанија во 2010-та, Германија во 2014 година и Франција во 2018-та) и сега првпат еден континент има три титули предност, па Европа води со 12-9.
МЕЃУСЕБНИ ФИНАЛИЊА
Но сосема поинаква е сликата во меѓусебните дуели во најважниот меч на секој светски шампионат, финалето. Од досегашните 21 финале на мундијалите, во 11 од нив се сретнале селекции од ист континент, и тоа девет пати од Европа и двапати од Јужна Америка. Но во преостанатите 10 финалиња имало дерби помеѓу европска и јужноамериканска репрезентација, а Јужна Америка води убедливо, со 7-3.
По Светското првенство во 1986 година, резултатот дури беше 5-0, по трите победи на Бразил, прво над Шведска во 1958 година, потоа над Чехословачка во 1962-та и над Италија во 1970-та, а потоа и двата триумфа на Аргентина, во финалињата со Холандија во 1978 година и со Германија во 1986-та.
Дури во 1990 година една европска селекција првпат стана светски првак кога во финале победи јужноамериканска репрезентација (Германија – Аргентина 1-0, на Мундијалот во Италија). Веќе на следното СП, во 1994 година во САД, Бразил одново ја зголеми предноста на пет разлика, со триумфот на пенали на натпреварот со Италија, Франција во 1998 година на домашниот шампионат намали на 6-2, по победата над Бразил (3-0), кој, пак, зголеми на 7-2 во 2002 година, со триумфот над Германија (2-0). А токму Германија во 2014 година ја донесе третата победа за Европа во меѓусебните финалиња со Јужна Америка, одново во меч со Аргентина, како и во 1990 година, овој пат во Јужна Америка, во Бразил (пак беше 1-0), за актуелниот резултат 7-3 за Јужна Америка во победи во финалиња кога се среќаваат репрезентации од тие два континента.
ВКУПНО ФИНАЛИЊА
Досега во финалните мечеви на светските првенства настапиле 13 репрезентации, од нив десет се од Европа, а три се од Јужна Америка. Учесник во решавачкиот натпревар на мундијалите 28 пати била селекција од Европа (12 титули, 16 порази), а 14 пати репрезентација од Јужна Америка (9/5). Од селекциите што, пак, само играле во финалето а не освоиле титула, пет се од Европа и ниту една од Јужна Америка.
ТРИУМФ НАДВОР ОД ДОМА
Во оваа необична категорија, пак, јужноамериканските репрезентации водат и се поразновидни, откако титули освојувале на светски првенства играни на четири континенти, а европските своите титули ги освоиле на три, во двата случаја вклучувајќи го и сопствениот континент.
Европа победи на досега единствениот шампионат одржан во Африка, а Јужна Америка на првото светско првенство во Азија (СП 2022 е второто на тој континент).
Од 12-те светски титули на европските селекции, десет освоија кога светското првенство се играше во Европа. Само две репрезентации од Стариот Континент славеа, по еднаш, надвор од „дома“, и тоа Шпанија во Африка (на СП 2010 во Јужна Африка) и Германија во Јужна Америка (на СП 2014 во Бразил).
Од деветте титули на репрезентациите од Јужна Америка, пак, четири се освоени на тој континент, и тоа Уругвај двапати (дома во 1930 година и во Бразил во 1950 година), по еднаш Бразил (во 1962 година во Чиле) и Аргентина (дома, во 1978-та), но Бразил победи и во Европа (СП 1958 во Шведска), Северна Америка (СП 1970 во Мексико и СП 1994 во САД) и во Азија (СП 2002 во Јужна Кореја и во Јапонија), а и Аргентина славеше во Северна Америка (СП 1986 во Мексико).
ДРУГИ МЕЃУСЕБНИ ТРКИ
Од осумте светски фудбалски прваци, шест славеа повеќе од еднаш. Бразил и Аргентина сите свои титули ги освоија по победи во финалиња играни против селекции од Европа (Бразил пет, Аргентина две). Италија сите четири титули ги освои со триумфи против европски репрезентации, а Уругвај двете против селекции од Јужна Америка. Балансиран резултат имаат Германија и Франција, откако половина од своите титули ги освоија во финалиња со селекции од Европа и половина со селекции од Јужна Америка (Германија две од четири, Франција една од две).
Јужна Америка ја има репрезентацијата со најмногу учества на СП и освоени титули (Бразил 22/5), од Европа е селекцијата со најмногу настапи во финалиња и вкупно освоени медали (Германија 8/12). Најефикасна е репрезентација од Јужна Америка (Бразил, 229 гола), од Европа е фудбалерот со најмногу мундијалски погодоци (Мирослав Клосе од Германија, 16). Од Јужна Америка е фудбалерот со најмногу титули (Пеле од Бразил, три), од Европа е фудбалерот со најмногу медали (Клосе, четири, по еден златен и сребрен и два бронзени).
Од Јужна Америка има најмногу освојувачи на „златната топка“ на мундијалите (12), фудбалери од Европа, пак, најмногу пати биле меѓу добитниците на „златната копачка“ на светските шампионати (14). По една селекција од двата континента досега била прва на две светски првенства во низа (Италија во 1934 и во 1938 година, а Бразил во 1958 и во 1962-та) и по една играла во по три финалиња по ред (Бразил 1994, 1998 и 2002, Германија 1982, 1986 и 1990), по еден фудбалер од двата континента има најдолги низи на еден мундијал за мечеви (шест) со барем еден постигнат гол, Французинот Жист Фонтен во 1958 година и Бразилецот Жаирзињо во 1970 година…
НЕКОИ РЕЗУЛТАТИ
Вкупно титули Европа – Ј. Америка 12-9
Победи во меѓусебни финалиња Ј. Америка – Европа 7-3
Вкупно репрезентации финалисти Европа – Ј. Америка 28-14
Титули надвор од својот континент Ј. Америка – Европа 5-2
СП со финалиња со селекции од ист континент Европа – Ј. Америка 9-2
Освоени титули на различни континенти Ј. Америка – Европа 4-3
Денеска три меча од групите А и Б
Со вчерашниот меч од групата А, помеѓу домаќинот Катар и Еквадор, почна 22. Светско фудбалско првенство, на кое денеска ќе се комплетира првото коло во групите А и Б. Вториот меч во групата А е од 17 часот, играат Сенегал и Холандија, а во групата Б на програмата се дуелите Англија – Иран, од 14 часот, и САД – Велс, од 20 часот. Групната фаза трае до 2 декември, а од утре ќе има по четири меча на ден, од 11, 14, 17 и од 20 часот.
ДЕНЕСКА НА СП 2022
Англија – Иран 14 ч.
Сенегал – Холандија 17 ч.
САД – Велс 20 ч.